22/06/2024
Охрид

Спасовски во работна посета на СВР Охрид и Регионалниот центар за гранични работи „Запад“

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски реализираше работна средба со раководствата на Секторот за внатрешни работи Охрид и Регионалниот центар за гранични работи – Запад. На средбата во СВР Охрид, Спасовски беше информиран за активностите на оваа полициска организациона единица. Притоа, беше утврдено дека според презентираните статистички и други показатели, безбедносните состојби на подрачјето во надлежност на СВР Охрид се мошне задоволителни, што е особено важно во пресрет на годинешната туристичка сезона, кога Охрид станува центар на туристичката посета и домашната понуда.

На средбата беше нагласено дека во првите пет месеци од оваа година, евидентно е намалувањето на бројот на кривични дела по основ на класичниот криминал, компаративно со истиот период минатата година, а се бележи зголемување на ефикасноста во расчистувањето на кривичните дела, која се движи од над 10 проценти, дури до над 46 проценти ефикасност.

„На подрачјето на СВР Охрид бележиме и драстично подобрување на статистиките во поглед на сообраќајот, па споредбено со првите пет месеци од минатата 2021 година, годинава бележиме намалување во сите сегменти – број на сообраќајни несреќи, број на лица со потешки или полесни повреди и, што е особено важно, број на несреќи со загинати лица“, потенцираше министерот Спасовски.

На средбата со раководството на регионалниот Центар за Гранични работи – Запад беше констатирано дека состојбите на државната граница кон Република Албанија и на север со Република Косово не бележат значителни промени во однос на минатата година. Спасовски беше информиран дека сите организациони единици при Регионалниот центар за гранични работи – Запад дејствуваат по конкретни оперативни планови со засилени мерки и активности за време на престојната летна туристичка сезона, со цел одржување на безбедноста на највисоко ниво, при што ќе се интензивираат мерките како по воден, така и по копнен пат со патролни служби.

Министерот Спасовски изрази увереност дека и во наредниот период ќе се продолжи со истата динамика на работа и ефикасност, како во превентивните активности, така и со репресивни мерки и дека подготвено ќе ја дочекаме туристичката сезона која ни претстои