11/05/2024
Македонија

Свечено отворање на Центарот за симулации во Командата за обука и доктрини во касарната во Велес

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари посета на единиците на АРМ во касарната „Алексо Демниевски – Бауман” во Велес.

Во рамки на посетата, претседателот Иванов, заедно со Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски и амбасадорот на САД, г. Џес Бејли, свечено го отворија Центарот за симулации во Командата за обука и доктрини (КОД).

Новиот центар за симулации во Командата за обука и доктрини, донација од САД, во вредност 1,4 милиони долари, и предвидува поддршка на обуката на командите и единиците на АРМ преку планирање, организација, координација и менаџирање на спроведување на командно-штабни вежби до ниво на бригада.

Претседателот Иванов ги обиколи сместувачките и капацитетите за обука на Командата за обука и доктрини, при што ги посети војниците кои се наоѓаат на доброволно служење на воениот рок во велешката касарна и беше запознаен со условите за нивниот престој и работа. Македонскиот претседател воедно ги посети и слушателите на тековниот курс за први подофицери.

Командата за обука и доктрини ја презентираше воено стручната литература која е изработена како дел од активностите за одбележувањето на 25 години од формирањето на АРМ.