15/10/2024
Македонија

Свети Јован Милостив

Денес е празник посветен на Светиот Јован Милостив. Патријарх Александриски. Роден е на осторвот Кипар во кнежевско семејство. Воспитан од детството како вистински христијанин. На настојување од родителите се ожени и имаше деца. Но по Божја Промисла се упокоија и децата и жена му. Прочуен заради милосрдието и благочестивоста, Јован беше избран за патријарх Александриски во времето на царот Ираклиј. Десет години управуваше со александриската Црква како вистински пастир, чувајќи ја од незнабожците и од еретиците. Беше пример на кротост, милосрдие и човекољубие. „Ако сакаш благородство“, велеше, „не барај го во крвта туку во добродетелта, зашто тоа е вистинското благородство“.

Сите Свети се одликуваа со милосрдие, но Св. Јован ѝ беше предаден на оваа Света добродетел. Еднаш служејќи Литургија се сети патријархот на Христовите зборови: „Ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот“ (Матеј 5, 23, 24) и се сети дека еден од клириците е зловолен кон него; тој брзо ги остави Светите Дарови, му пријде на тој клирик , му падна пред нозете и го замоли за прошка. И дури кога се измири со човекот се врати пред жртвеникот. Еднаш пак одејќи кон црквата на Светите Кир и Јован се случи да го сретне една бедна вдовица и почна да му говори за својата беда. Придружниците на патријархот почувствуваа здодевност од долготрајната поплака на жената, па му рекоа на владиката да побрза в црква на служба, а жената би можел да ја слуша и после службата. Свети Јован им одговори: „А како ќе ме послуша мене Бог ако јас не ја послушам нејзе?“ И не сакаше да мрдне од местото дури не ја ислуша нејзината поплака докрај. Кога Персијанците удрија на Мисир, патријархот Јован седна во кораб за да се оддалечи од напаста. Патем се разболе и кога стигна на Кипар умре во својот роден крај, во 620 година. Неговите чудотворни мошти се пренесени најпрво во Цариград, а потоа во Будимпешта и најпосле во Пресбур.