21/05/2024
Македонија

Светиот апостол Јаков и Свети Димитриј, патријарх Александриски

Светиот апостол Јаков

Син Алфеев и еден од Дванаесетте големи апостоли. Роден брат на евангелистот Матеј. Сведок на словото на вистината и на чудата на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, сведок на Неговото страдање, Воскресение и Вознесение. По слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, на апостолот Јаков му падна во дел да го проповеда Христовото Евангелие во Елефтеропол и околните места, потоа во Мисир, каде што и пострада за својот Спасител. Со голема сила и на збор и на дело Св. Јаков ја разнесуваше благовеста за воплотениот Бог Слово, уривајќи го идолопоклонството, од луѓето изгонувајќи ги демоните, лечејќи секаква мака и болест со името на Господ Исус Христос. Неговиот труд и неговата ревност беа крунисани со голем успех. Многумина незнабожци поверуваа во Господа Христа, се основаа и устроија цркви, беа поставени епископи и свештеници. Пострада во Мисир, во градот Острацин, распнат на крст од незнабожците. Така овој голем и прекрасен апостол се пресели во Небесното Царство, за со Царот на славата да царува бесмртно.

Свети Димитриј, патријарх Александриски

Единаесетти александриски патријарх после Светиот евангелист Марко. Долго и мудро управуваше со своето стадо, и тоа од 189 г. до 231 г. Во негово време на барање на Индијците за проповед на Евангелието во Индија беше пратен Св. Пантен, раководителот на прочуената катихетска школа во Александрија. Пантен во Индија го пронајде Евангелието напишано од Свети Матеј на еврејски јазик.