13/11/2024
Македонија

Светиот маченик Јован Калфа и Свети Порфириј, епископ Гаски

Светиот маченик Јован Калфа

Овој светител се роди во Галата во Цариград. По занимање беше ѕидар („калфа“ значи „ѕидар“). Заради усрдното исповедање на христијанската вера се замери со Турците и тие почнаа да го присилуваат да се потурчи. „Не сакам да се одречам од мојот сладок Исус Христос“, им одговараше. „Во Него верувам, Нему Му служам, Него Го исповедам“. После тешки мачења Турците го заклаа на 26 февруари 1575 година во Цариград. Чесно пострада за љубениот Господ и се пресели во Неговите небесни дворци.

Свети Порфириј, епископ Гаски

Овој голем архипастир се роди во Солун од богати родители. Младоста до дваесет и петтата година ја проживеа во родниот град, потоа го напушти родителскиот дом и светскиот живот и се оддалечи во Мисирската пустина. Под раководство на опитен духовник младиот Порфириј таму се замонаши и мина пет години. После ја посети Светата Земја заедно со својот соподвижник, монахот Марко. Се подвизуваше во една пештера близу Ерусалим пет години, но тогаш расслабе во нозете и не можеше да оди. Сепак, ползејќи на колена постојано ги посетуваше Божјите служби. Една ноќ му се јави во видение Самиот Господ и го исцели од болеста во нозете и стана сосем здрав. Кога го избраа за епископ во Газа Порфириј ја прими таа должност со тешко срце. Во Газа затекна само двесте и осумдесет христијани; сите други жители беа идолопоклоници, и тоа фанатици. Само со својата голема вера и трпение Порфириј успеа да ги приведе Газаните во Христовата вера. Мораше лично да патува во Цариград кај царот Аркадиј и кај патријархот Јован Златоуст за да бара потпора во нерамната борба со идолопоклониците. Бараната поддрша ја доби. Идолските храмови беа затворени, идолите урнати, а тој изгради прекрасна црква со триесет меремерни столбови. Ѕидањето на овој храм особено го помогна царицата Евдоксија. Порфириј поживеа доволно долго за да го види целиот град Газа обратен во христијанската вера, но дури после неговите долги и тешки напори, страдања и плачни молитви кон Бога. Се упокои мирно во 421 година. Беше чудотворец за време на животот и по смртта. Моштите и денес му почиваат во Газа.