26/04/2024
Македонија

Светската годишна фотоизложба на „Прајд фото авард“ во Мала станица

Вечерва во 20 часот во „Мала Станица“ во Скопје ќе биде отворена изложбата на победничките фотографии на „Прајд фото авард“ (Pride Photo Award) за 2016 година, на која ќе говори и министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски…

Меѓународниот годишен фотографски конкурс е со фокус на сексуалниот диверзитет и родовиот идентитет. Секоја година фотографи ширум светот ги споделуваат своите најкреативни, најпредизвикувачки и нестереотипни погледи на родот и сексуалноста. Меѓународно експертско жири ги селектира најдобрите дела по што се организира светска изложба.

Од добиените 3.600 пријави поднесени од 398 фотографи од 70 различни националности, на изложбата годинава се презентира селекција од победничките фотографии од едицијата од 2016 година. Изложбата веќе беше поставена во Амстердам, Болоња, Џакарта, Ханој и Сан Франциско.
Како што најавуваат организаторите, „Прајд фото авард“ има за цел да придонесе кон поправичен и инклузивен свет преку видливост на сексуалниот и родов диверзитет и создавање свесност за „другиот“.

Покрај изложбата, на 13 декември (среда) во Мала станица од 11 часот ќе биде одржана и панел дискусија на тема “Препознавање и признавање на сексуалната и родовата различност”,на која панелисти ќе бидат претставници од Советот на Европа и TRANSGENDER-Europe.

Изложбата е во организација на холандските амбасади во Тирана, Приштина и Скопје, во партнерство со Коалицијата СЗПМЗ, и со финансиска поддршка од Град Амстердам, и фондациите Ахмеа, Фондс 21, АФК и Трутфондс.