26/04/2024
Охрид

СВР Охрид презема најстроги рестриктивни мерки за спречување на коронавирус

СВР Охрид, на целото подрачје што го покрива (Охрид, Струга, Вевчани, Кичево, Пласница, Дебар и Центар Жупа), на терен презема најстроги рестриктивни мерки со цел спречување, внесување и ширење на коронавирус COVID-19. Во координација со МВР и други надлежни институции, СВР Охрид презема и подготвителни активности за доследно спроведување на мерките кон лицата што не ја почитуваат мерката за самоизолација, да бидат спроведени во државен карантин и против истите да биде поведена соодветна постапка. Овие подготвителни активности, се во согласност со одлуките на денешната 24-та седница, на Владата на Република Северна Македонија за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19.

Моментно, полициската станица Охрид врши контрола на вкупно 144 лица со мерка „здравствен надзор и домашна изолација“, 125 од нив, своерачно под полна морална, материјална и кривична одговорност потпишале изјава дека по доаѓањето од странски земји кои, според Листата од СЗО се зафетени од Коронавирус COVID – 19, во времетраење од 14 денови во нивните домови ќе спроведат задолжителна самоизолација. 19 лица се водат со решение од Државниот здравствен и санитарен инспекторат и се ставени под здравствен надзор и домашна изолација.

СВР упатува апел до граѓаните, строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14 дневна самоизолација.