15/10/2024
Македонија

Тунтев: Пратениците да ги покажат на дело заложбите за НАТО и ЕУ и заедно да ги изгласаме уставните измени

Прес конференција,
Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата
Скопје, 18.10.2018

Почитувани новинари, почитувани граѓани,

Овој парламентарен состав има единствена, историска шанса да обезбеди иднина на Македонија во ЕУ и НАТО.

Над 90 отсто од граѓаните кои гласаа на референдумот на 30 септември јасно покажаа дека се за ЕУ и НАТО. Повеќе од 80% од граѓаните според сите истражувања се за ЕУ и НАТО.

Како пратеници, имаме одговорност пред граѓаните кои не избрале да ја почитуваме мнозинската волја, да го продолжиме процесот и да ги усвоиме уставните измени.

Собранието треба да ги усвои измените на Уставот кои се во насока на заштита и зајакнување на нашиот македонски идентитет и кои обезбедуваат просперитетна европска иднина што ја очекуваме 27 години.

Но тоа е пат што мора заедно да го изодиме и оттука, ги повикувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат во процесот.

Алтернатива не постои, секој друг предлог за друг пат на Македонија значи туркање на нашата држава во нови изолации и кризи. Македонија припаѓа на западниот свет, без разлика што Христијан Мицкоски има проблем со тоа.

Ова раководството на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски е исто, можеби и полошо од претходното предводено од Никола Груевски.

Ја срамоти државата и отворено се кара и се расправа со најголемите стратешки партнери. Ова раководство отворено и јавно се однесува антизападно.

Но затоа, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, народните избраници, имаат шанса да се издигнат над ставот на антизападниот партиски лидер и да се приклучат во процесот што обезбедува европска иднина.

Убеден сум дека и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се за влез во ЕУ и НАТО. Сега е историскиот момент да го покажат тоа на дело, да ја почитуваат волјата на над 80 отсто од сите граѓани и да ги поддржат уставните измени.

Македонија мора да има и ќе има иднина во ЕУ и НАТО. Ајде сите пратеници без разлика на партијата од која доаѓаме да ја обезбедиме иднината на нашите граѓани.

Како пратеници имаме единствена, историска шанса и одговорност пред граѓаните кои не избрале да обезбедиме иднина во ЕУ и НАТО. Волјата на граѓаните е поважна од нашите лични или партиски интереси.

Ако раководството на ВМРО-ДПМНЕ продолжи по секоја цена да ја блокира иднината на државата тогаш неизбежни се предвремени парламентарни избори организирани веднаш.

Граѓаните ќе ја донесат одлуката, со огромно мнозинство ќе победи опцијата за иднината, Македонија ќе биде дел од НАТО и ЕУ.

https://www.youtube.com/watch?time_continue=36&v=SYaSKiYH2eo