09/11/2024
Македонија

Упокојување на Св.Кирил Солунски

На денешен ден починал Кирил, постариот од познатите браќа Кирил и Методиј. Според познатото кратко житие на Константин Филозоф, во монаштвото наречен Кирил, потекнувал од познати родители Лав и Марија, солунски Словени. Високата положба на таткото и талентот на момчето му ја отвориле вратата на позната Магнаурска школа во Цариград каде што Константин учел заедно со децата на византиските цареви и болјари под раководство на познати учители и на прочуениот Фотиј, идниот цариградски патријарх.

Образованието го завршил со прекарот Филозоф по што бил назначен за патријаршиски библиотекар и предавач по филозофија. Му биле давани и разни обврски од општествен карактер. Ослободен од суетата на овој свет, Константин тајно побегнал во манастир на Олимп во Мала Азија, при својот брат Методиј, каде што во пост и молитви се подготвувал за големото свое дело – да создаде словенска азбука и да ги преведе словенските книги на Православната црква на јазикот на солунските Словени.

Во Рим Константин тешко се разболел, бил потстрижан и како монах го добил името Кирил и по 50 денови починал на 27 февруари 869 година. Самиот папа Адриан го извршил погребот во црквата „Свети Климент Римски“. Житието на Св. Кирил е напишано од Св. Климент Охридски со помош на Св. Методиј, Моравскиот архиепископ, брат на Св. Кирил. Службата му е многу стара. Зачувана е во многу преписи.