12/11/2024
Охрид

Успеси на ученичката Емилија Николовска од ОУ „Григор Прличев“ на повеќе натпревари

Од Основното училиште „Григор Прличев“ – Охрид информираат за најновиот успех на ученичката Емилија Николовска. Емилија оваа учебна година учествуваше на повеќе натпревари, физика на општинскиот, регионалниот и државниот натпревар го освои првото место. На натпреварот по математика на општинскиот и регионалниот натпревар освои прво место, додека на државниот беше втора. На ЈММО (Јуниорска македонска математичка олимпијада, за сите ученици до 15,5 години) освои сребро со високо четврто место на листата на најдобри математичари.

Не само оваа учебна година, Емилија во текот на изминатите години покрај математика се натпреваруваше во повеќе други области. Минатата година учествуваше на меѓународен натпревар по англиски јазик во Италија каде беше четврта на светско ниво. Се натпреварува и по германски јазик.

„Овие успеси само зборуваат колку исклучителен ученик е таа, постојано трудољубива, упорна… или како што самата кажува: „Јас сум горда на своите успеси и ќе продолжам да се трудам и да ги остварувам своите цели“, нашето училиште се гордее со неа.“ – информираат од училиштето.