29/04/2024
Охрид

Успешно завршена првата образовна мобилност од Еразмус+ проектот „Нашите приказни се наши мостови“

Во месец Март 2024 година, ученици и наставници од ООУ „Ванчо Николески“ беа дел од првата образовна мобилност од Еразмус+ проектот “Нашите приказни се наши мостови”/”Our stories are our bridges”, каде нашето училиште е главен координатор. Истата се реализираше во Љубљана, Р. Словенија, а домаќин ни беше ОШ “Брезовица при Љубљани”. Во овој проект освен нашето училиште, се вклучени училишта од Р. Хрватска (Корчула) и Р. Словенија.

Целта на овој проект е преку раскажување позитивни приказни што ја истакнуваат важноста на културата, традицијата и обичаите, да се изградат високи вредности кај учениците и преку нив да се поврземе со другите народи. Сметаме дека изложеноста на различни културни приказни може да им помогне на учениците да развијат чувство на емпатија и ценење за разликите. Затоа, важно е на учениците да им се обезбедат можности да учат и ценат различни културни народни приказни и практики.

Во рамки на оваа посета имавме можност да ја претставиме земјата, градот и нашето училиште. За време на престојот во училиштето бевме дел од наставни часови каде нашите ученици имаа интерактивно учество, вклучени бевме во работилници за обработка на приказни поврзани со словенечката историја и култура, а на крајот учениците креираа е-book со слушнатите приказни. Во рамки на оваа мобилност ги посетивме езерото Блед и познатата Постојнска јама, а исто така ги посетивме и значајните места во Љубљана. Имавме можност да проследиме и театарска претстава за деца “Kralj Matijaš” во тамошниот Дом на култура “Cankarijev Dom” во Љубљана.

Преку низата интерактивни активности поврзани со раскажување и слушање приказни, учесниците на оваа мобилност успеаја да се запознаат со другите култури, да ги согледаат сличностите и да „градат мостови“ на соработка и заедништво.

Втората мобилност од овој проект е во Мај 2024, во Хрватска, на островот Корчула.

Ова е шести Еразмус+ проект што го реализира ООУ „Ванчо Николески“. Претходно се успешно и целосно имплементирани пет Еразмус+ проекти од клучна акција КА 229.


WebOhrid / 11.04.2024 / ООУ „Ванчо Николески“ – Лескоец, Охрид