07/12/2024
Охрид

Вечерва СИТЕ ВО ОХРИД – Концерт на Сергеј Четковиќ на Градскиот плоштад

Убавото време и продолжениот празничен викенд, во комбинација со понудата на хотелиерите и настаните во рамките на „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“, направија Охрид викендов да бележи одлична исполнетост со домашни и странски гости.

Божиќните празнувања вечерва ќе бидат комплетирани со уште еден настан кој долго време се најавуваше – концертот на познатиот Сергеј Четковиќ на Градскиот плоштад во Охрид. Како предгрупа на Четковиќ, со своите најголеми хитови ќе се претстави и нашиот Ѓоко Танески, а посебен Дџ сет ќе има и Dj Regie Rules.

– Црногорската супер ѕвезда Сергеј Четковиќ вечерва ќе одржи спектакуларен концерт во Охрид во рамките на проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“. „Погледи у тами“, „Пола мога свијета“, „Ако те није“, „Само ме загрли“ и сите други големи хитови на неповторливиот шармер во живо за охриѓани и гостите. Дојдете да уживаме заедно, порачуваат организаторите.

И овој настан е во рамките на проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“, кој трае еден месец, од 20-ти декември до 20-ти јануари и има за цел максимално да се продолжи сезоната и во овој период од годината да се понуди богата програма и настани кои ќе го привлечат вниманието на домашните и странските гости.

Синоќа на големата сцена на Градскиот плоштад во Охрид настапија одличните Балкан џем, кои покажаа дека се бенд пред кого е сигурна иднина. Во бендот свират: Ивица Иво Велоски – вокал, Тоше Танески – соло гитара и вокал, Дејан Јанкоски – бас гитара и вокал, Ненад Мургоски – клавијатура и вокал, Ѓорѓи Калајџиески на тапани.

Од остатокот на програмата ги имаме и новогодишната театарска претстава – ПХВ Шоу (Промоција на хумани вредности Шоу) од Клубот на млади при ООЦК Охрид, Трката на келнерите, за најмладите деновите посветени на вкусните пици и палачинките, Изложбата на отворено на најубави фотографии од Охрид, промоцијата на книгата „Охрид во 10“, Фестивалот на графити и модерна уметност… Од музичката програма тука се настапите на нашите Камелеон, Бекдор бенд, Жармена и Китроз, Денис Мурат и Бетис Бубс, а од поголемите настани, на 13-ти, за Стара Нова година ќе уживаме во музиката на Љубојна, а на 19-ти јануари за големиот верски празник Водици ќе настапат Фолтин, со што ќе биде крунисана целата манифестација.