27/04/2024
Македонија

Владини активности по повод 11 Октомври под слоганот „Честит 11 Октомври, секогаш слободни!“

Свеченостите по повод  11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ, во организација на Владата на Република Северна Македонија, под слоганот „Честит 11 Октомври, секогаш слободни!“ годинава ќе се одржат во посебни услови согласно протоколот за одбележување државни празници на Комисијата за заштита од заразни болести односно без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на здравствените протоколи и обезбедена дистанца и заштита.

Со цел почитување на препораките за заштита од коронавирусот КОВИД-19, бројот на учесниците во настаните, кои ќе се случуваат без традиционалната културно-уметничка програма и без собири на граѓани, е ограничен.

На денот ќе бидат одржани следниве настани во организација на Владата на Република Северна Македонија во соработка со општините:

• Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев по повод чествувањето на 79 години од Денот на народното востание на македонскиот народ, ќе се обрати на свеченото одбележување во Куманово, кое ќе започне со положување цвеќе пред Спомен – Костурницата во 11:00 часот.

Премиерот Заев на положувањето цвеќе ќе ја предводи делегацијата која ја сочинуваат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Дополнително, како дел од свеченото одбележување на државниот празник 11 Октомври, владини делегации ќе положат цвеќе и во Прилеп и Скопје.

• Во Прилеп, владина делегација предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за образование и наука Мила Царовска, ќе положат цвеќе на: Споменикот на Методија Андонов – Ченто, Споменикот на Кузман Јосифовски – Питу, Алејата на народни херои, Споменикот „Жена борец“ и Могилата на непобедените, со почеток од 8:30 часот.

• Венци свежо цвеќе, пред Споменикот на борците, кои паднаа за ослободување на Скопје, со почеток во 12:15 часот, ќе положи владина делегација предводена од првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, а во состав министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за правда Бојан Маричиќ и министерот за здравство Венко Филипче.