06/10/2024
Македонија

Владини делегации во Скопје и во Прилеп положија свежо цвеќе во чест на 11 Октомври

Владина делегација предводена од Заменик на Претседателот на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, а во чиј состав беа и министрите за надворешни работи и за правда, Никола Димитров и Рената Дескоска, со положување свежо цвеќе пред споменикот на Ослободителите на Скопје, им оддадоа почит на загинатите борци во НОВ 1941-1945 година, зеде учество во одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание.

Пред споменикот на борците кои паднаа во битката за ослободување на Скопје, исто така се поклонија и делегации на Сојузот на борците, на Собранието на РМ, претставници од кабинетот на Претседателот на Република Македонија, делегација на АРМ, како и претставници на дипломатскиот кор во земјата, локалните заедници и здруженија на граѓани.

Честитајќи им го Денот на македонското востание – 11 Октомври, Заменик на Претседателот на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, истакна дека денешниот ден ја симболизира нашата исконска желба за слобода и правда, за држава која ќе стои зад тие вредности и за иднина која ќе ни ги гарантира.

Министерката Шекеринска посочи дека пред 77 години кога нашата земја, регионот, но и цела Европа ги доживувале своите најтешки денови и биле осудени на насилство, окупација, жртви и безнадежност, биле втемелени македонските национални интереси и стратешката ориентација на нацијата. А за тоа, како што рече Шекеринска, се заслужни сите кои го дале животот, но и живите сведоци на борбата за слобода.

„Тие херои и денес не потсетуваат: слободата не е подарок туку привилегија. Бремето на секој вистински лидер на оваа земја и на сите други земји е да ја чува и негува, да не бега од проблемите, туку да ги решава, да не мисли за себе, туку за својата земја и да ја однесе барем чекор понапред од таму каде што ја наследил“, додаде Шекеринска.

Одговорот на современите предизвици како што истакна министерката Шекеринска, е стратешката определба утврдена уште од независноста на Република Македонија, а тоа е Македонија  членка на НАТО и на ЕУ, изградена врз темелите на демократијата, слободата и еднаквоста.

„Остануваме Македонки и Македонци, кои својот македонски јазик ќе успеат да го направат официјален јазик на Европската унија. Нашите граѓани заслужуваат признаен, потврден идентитет и посилна меѓународна позиција. Како што заслужуваат и европска, правна, праведна држава пред која секој граѓанин ќе биде еднаков, држава која ќе создава можности за своите деца и млади. Токму затоа, сега е моментот сите пратеници да го потврдат патот на Македонија во НАТО и ЕУ. Сега сите членови на Собранието на РМ, сите пратеници, без разлика на која партија ѝ припаѓаат, имаат историска должност и обврска да ги преведат своите зборови во дела и да го обезбедат патот на Македонија кон стабилност, безбедност и економски просперитет“, заклучи министерката Шекеринска.

На 11 октомври 1941-вата година, како што истакна претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борци и учесник во НОВ, Никола Стојановски, започна единственото победоносно востание на нашиот народ, а по 4 годишната борба стигнавме до првата слободна македонска асномска, држава, која што е темел на денешната самостојна и суверена Република Македонија.

„Денешното поставување на темелните вредности на нашата народна ослободителна борба во која се втемелени животите над 24 илјади борци и на вредностите и придонесите на асномска Македонија не се само повикување на траен пиетет кон тие вредности, туку пред се потреба на нова храброст, на нова смелост за изградба на сврзните ткива на нашиот народ што во овие кризни состојби ќе го поведат по светлите патишта на слободата, единството, смелоста и придонесот на секого за отворање на нови перспективи на развојот на државата врз високите европски и светски вредности со наш влог и иднина во обединетиот европски соживот. Тоа е пресудна задача за сите нас за сегашните и идните генерации. Потреба да се надминат претходните темелници на државата, за да ни бидат рамни сегашните и идните“, рече меѓу другото д-р Никола Стојановски.

Денот на македонското востание денеска се одбележа и во Прилеп. На чествувањето на празникот на Народното востание – 11 Октомври, учествуваше владина делегација, предводена од вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, а во чиј состав беа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и заменик министерот за економија Кире Наумов.

Владината делегација положи свежо цвеќе пред спомениците на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, на народниот херој Кузман Јосифоски Питу, како и во “Паркот на Револуцијата, пред споменикот  “Могила на непобедените”, а притоа се поклонија пред “Алејата на народните херои” и на споменикот “Жена борец”.

На свеченото одбележување на празникот во Прилеп, вицепремиерот Анѓушев истакна дека македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна на историјата и дека верува дека повторно ќе го избере вистинскиот пат, а тоа е членството во ЕУ и НАТО, вистинскиот правец за просперитет и развој на Република Македонија.

„Ако 11-ти октомври 1941 година беше ден на кој се покажа непокорот на македонскиот народ и симбол на борбата против фашизмот, денес сме исправени пред нов предизвик, а тоа е членството во ЕУ и НАТО, што значи просперитет и стабилност на македонската држава”, нагласи вицепремиерот Анѓушев.


Шекеринска на чествувањето на 11 Октомври: Како и пред 77 години, кога бевме сојузници со прогресивните сили во светот и денес Македонија се приклучи кон прогресивниот свет бидејќи тоа е единствениот пат кон успехот

Во рамки на одбележувањето на Денот на македонското востание, 11 Октомври, на централниот настан во дворот на Владата на Република Македонија, свое обраќање пред присутните имаше Заменик на Претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

Честитајќи им го денешниот празник на колегите министри, на пратениците, на претставниците од дипломатскиот кор, од локалните заедници, но и на борците од Народноослободителната војна, министерката Шекеринска истакна дека 11 Октомври ја симболизира нашата исконска желба за слобода и правда, за држава која ќе стои зад тие вредности и за иднина која ќе ни ги гарантира. Во својот говор министерката за одбрана, Радмила Шекеринска рече:

„На денешен ден пред 77 години, таквите амбиции, таквите елементарни желби, изгледале сосем невозможни. Нашите градови и села, нашиот регион, нашата Европа во тие моменти ги доживувале своите најтешки денови, осудени на насилство, окупација, жртви и безнадежност.

Но, токму во најтешкото Македонија го направила најважното, најдоброто. Токму во најтешкото беа искалени македонските национални интереси и нашата стратешка ориентација како нација. Кога пукнале првите пушки во Прилеп и Куманово, пукнале во име на слободата, еднаквоста и желбата за победа над тиранијата. Живите сведоци од Сојузот на борци таа борба ја живеат, ја носат со себе и за тоа како народ сме им вечно благодарни и на нив и на борците кои не се веќе меѓу нас.

Сите тие биле херои – кои ја разбрале и прифатиле одговорноста која ја носи слободата. Кои разбрале и прифатиле дека сме одговорни и виновни и за доброто кое не сме го направиле.

Тие херои и денес не потсетуваат: слободата не е подарок туку привилегија. Бремето на секој вистински лидер на оваа земја и на сите други земји е да ја чува и негува, да не бега од проблемите, туку да ги решава, да не мисли за себе, туку за својата земја и да ја однесе барем чекор понапред од таму каде што ја наследил. Во тој поглед секоја ера носи свој предизвик и одговор.

Нашиот одговор на современите предизвици е јасен и илустриран во стратешка определба која ни е јасна и консензуална од почетокот на нашата независност – Македонија членка на НАТО и ЕУ, изградена врз темелите на демократијата, слободата и еднаквоста. Тоа ќе го спроведеме, како долг кон нашите предци, како обврска кон идните генерации.

Во таа далечна 1941, светот кој го познавале нашите предци се рушел пред нивни очи. Раскарана Европа заврши разурната, сиромашна, поделена. Сите ја платија цената на една идеологија базирана на омраза, непријателство и нетолеранција. Сите страдаа и сите знаеја дека тоа не смее да се повтори. Но, беа потребни неколкумина големи Европејци, нови лидери кои понудија визија за Европа обединета во мир, пријателство и напредок. Сигурно не им било лесно да зборуваат за заедничка иднина, за споделени вредности и планови додека сеуште биле свежи раните од војната, додека сеуште недовербата и омразата тлееле, додека сеуште се броеле жртвите и болеле страдањата. Не им било лесно, но знаеле дека мора така. Дека мора да се научи лекцијата. Дека мора да се сврти старата страница која ништо добро не донела.

Таквата визија ни е неопходна и денес тука во Македонија, и тука на Балканот. Неопходна ни е денес и сега. Таквата визија ја градиме и дома и со нашите соседи.

Одлуката на Владата да го иницира процесот на уставни промени е дел од таа визија. Предлогот кој влезе во собраниска процедура јасно ги демантираше сите лаги, манипулации и заплашувања во изминатиов период.

Остануваме Македонки и Македонци, кои својот македонски јазик ќе успеат да го направат официјален јазик на Европската унија. Нашите граѓани заслужуваат признаен, потврден идентитет и посилна меѓународна позиција. Како што заслужуваат и европска, правна, праведна држава пред која секој граѓанин ќе биде еднаков, држава која ќе создава можности за своите деца и млади.

Токму затоа, сега е моментот сите пратеници да го потврдат патот на Македонија во НАТО и ЕУ. Сега сите членови на Собранието на РМ, сите пратеници, без разлика на која партија ѝ припаѓаат, имаат историска должност и обврска да ги преведат своите зборови во дела и да го обезбедат патот на Македонија кон стабилност, безбедност и економски просперитет.

Почитувани,

Јас ја гледам Европа како еден модел и идеја која ќе функционира овде и ќе им понуди иднина и можности на нашите деца. Европската унија не ја сакаме поради Брисел, туку ја сакаме поради нас самите. Реформите не ги исполнуваме поради Европската комисија туку поради нашите граѓани. Европа значи реформи во сите оние домени кои највеќе значат. Пристапните процеси значат трансформација на нашата држава кон подобро, а не тест за другите.

Нашиот народ е европски народ и заслужува да живее европски. Во нашата химна се овековечени зборовите дека „се бориме за своите правдини“.

Но, на 11 октомври 1941 –та година се боревме за своите правдини и како сојузници со прогресивните сили во светот. Затоа бевме успешни. Денеска Македонија повторно прави избор да се приклучи кон прогресивниот свет бидејќи тоа е нашиот вистински пат кон успехот.

Покажете ми херој и ќе ви напишам трагедија – напишал еден голем уметник.

Овој споменик, овој празник покажуваат многу херои, со многу лични трагедии, но и еден заеднички триумф: создадоа држава.

Таа држава почива на нивните бројни жртви, на крвта на многумина, но и на нивниот заеднички сон: идејата за слободна, прогресивна и праведна Македонија.

Тој заеднички сон го споделува и нашата генерација. Никој нека нема дилема дека овој завет, овој сон ќе го исполниме“.