06/10/2024
Охрид

Владо Јаневски, ѕвезда која сјае 25 години

Владо Јаневски, најголемата македонска машка музичка ѕвезда во моментов, годинава слави прекрасен јубилеј, 25 години од “Црно тиквешко”. Секоја негова идна песна, е сама по себе музичка и текстуална историја.

Јаневски е роден во Скопје, на 27.11.1960 година. Завршил филолошки факултет, отсек англиски јазик и литература. Членувал во музичките групи “Тост – сендвич”, “Бон Тон” и, секако, сега веќе легендарната “Ластовица”, авангарда на своето време, 1991/1992 година, заедно со Роберт Саздов.

На 09.05.1998 година, Владо Јаневски беше прв претставник на Македонија на Евросонгот кој тогаш се одржа во Бирмингем, Велика Британија, со композицијата “Не зори, зоро”, на негов текст, по музичките ноти на Григор Копров, во аранжман на Валентино Скендеровски. Иако се пласира на 19-тото место со само 16 освоени поени, сепак, неговиот настан ќе остане запаметен како едно од најдостинствените претставувања на Република Македонија, на овој најреномиран европски музички фестивал.

Меѓу другото, зад неговото име стои и соработката со Авалон продукција, најеминентната продукциска куќа на просторите на поранешна Југославија, која е достоен репрезент на македонските музички вредности во пошироки рамки. Нив ги врзува и заедничката годишнина, четврт век успешно постоење, музицирање и продуцирање.

Благодарение на неговиот шармантен глас, атрактивната појава и песните за душа, Владо Јаневски останува неприкосновен владетел на поп музиката во Македонија. Од друга страна, Авалон продукција е носител на неговите најуспешни концертни настани, каков што, несомнено, ќе биде и оној на 05.08.2018 година.