Во чест на јубилејот, песната „Небо мастило“ од Камелеон доби ремикс и видео спот

Како дел од промотивните активности за големиот концерт на групата Камелеон, познатиот охридски Dj и продуцент Dj Regie Rules изработи ремикс и видео спот за нивната позната песна „Небо мастило“.

„Камелеон се една од нашите најдобри групи, а „Небо мастило“ е една од моите омилени песни од групата. Песната добро лежи за да се направи ремикс од неа. Оригиналот си е оригинал, а ова е само мој скромен подарок за јубилејот на групата и обид нивната музика да ја приближиме максимално и кон помладата публика. Изработен е и видео спот за ремиксот, со што се надеваме дека песната ќе добие уште повеќе на популарност,“ – порача Dj Regie Rules.

Dj Regie Rules досега има изработено повеќе ремикси на теми од македонската поп музика и светската електронска музичка сцена, од кои дел, во изминатиот период се вртеа и низ голем дел од македонските радио станици.

На сцената на Домот на култура „Григор Прличев“ во Охрид, во сабота, на 29-ти декември, точно во 19:00 часот е закажан стартот на музичката приказна за 20-те години од постоењето на групата „Камелеон“.

Членови на бендот се Драган Василески, Тони Јованоски, Роберт Милески, Петар Трифуноски и Филип Стојковски. Низ годините и бројни други музичари имале добра соработка со бендот или биле негови членови и со тоа оставиле свој печат. За повеќето песни на бендот, текстот и музиката ги напиша гитаристот Роберт Милески.

Билетите по цена од 250 денари ќе се продаваат во сите „Тамаро“ маркети во Охрид и Струга, музичката продавница ZZ Top и тезга „Аждер“ во центарот на градот.