27/04/2024
Македонија

Воведени мерки за спречување на ширење на болеста чума кај мали преживари

Со цел спречување на внесување, навремено забележување и пријавување на болеста Чума кај мали преживари, која од 22 јуни годинава е потврдена и во соседна Бугарија, а во земјите од регионот присутна е и во Турција, Агенцијата за храна и ветеринарство донесе Решение за забрана за увоз и транзит на живи домашни и диви мали преживари, семе, јајце клетки и емброни од домашни и диви мали преживари, месо од домашни и диви мали праживари, производи и преработки од месо од домашни и диви мали преживари, млеко и производи од млеко од домашни и диви мали преживари, како и нуспроизводи од домашни и диви мали преживари во Република Македонија од Република Бугарија како и мерки за брза реакција и успешно справување при евентуална појава на болеста и кај нас.

Чумата кај малите преживари (овци и кози) е вирусно заболување кое брзо се шири во стадото и предизвикува големи економски загуби кај оваа категорија животни и не претставува опасност за луѓето. Симптоми по кои може да се препознае ова заболување во стадото се: треска, рани во устата, дијареа, пневмонија (проблеми со дишењето), абортуси кај гравидните животни, смрт кај животните. Болеста најтешко се манифестира кај младите животни, а кај козите повеќе од овците.

Вирусот се излачува преку солзите, назалниот секрет, со кашлање и преку изметот од заразените животни, а болеста се шири преку директен и близок контакт меѓу животните. Водата, коритата за исхрана на животните и постелката, исто така, може да бидат контаминирани со секрети и да бидат дополнителни извори на инфекцијата.

Чумата кај малите преживари е болест која се наоѓа на листата на болести на Светската организација за здравствена заштита на животните (OIE) кои задолжително треба да се пријават. Агенцијата за храна и ветеринарство апелира до одгледувачите на овци и кози, до ветеринарните друштва и официјалните ветеринари да го пријават секое сомнително грло и доколку и кај едно животно забележат симптоми на оваа болест, на сите животни од одгледувалиштето да им се оневозможи движење надвор од одгледувалиштето од каде не смее да се изнесуваат и производи од животинско потекло, опрема, измет и ѓубре.

Агенцијата достави известување до сите ветеринарни друштва да го зголемат нивото на претпазливост и веднаш да пријават до официјалните ветеринари евентуални сомнителни грла.