Втор ден од учеството на министерот Димитров на Минхенската безбедносна конференција

Во рамките на активностите за време на Минхенската безбедносна конференција, министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска учествуваше во дискусиите за континенталната безбедност, глобалните предизвици и иднината на трансатлантските односи.

“Република Македонија е важна тула во куќата на регионалната стабилност и безбедност. Ние сакаме да учествуваме и придонесуваме кон напорите и процесите за заедничка европска иднина за регионот, растеретена од несигурност и непредвидливост.” – потенцираше министерот Димитров во разговорите со учесниците на Конференцијата.

На маргините на настанот, Министерот оствари повеќе билатерални средби.

На средбата со министерот за надворешни работи на Република Чешка, Мартин Стропницки беа разменети мислења за важноста на европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија.

Во разговорот со норвешкиот МНР, Ине Ериксен Сореиде беше изразено задоволство и благодарност за дуплирањето на реформската помош за Македонија и за поддршката на нашите стратешки приоритети. Министерот Димитров посочи дека членството во НАТО е важно за Република Македонија, но и за Балканот и Европа.

На средбата со министерот за надворешни работи на Јапонија, Таро Коно, прва меѓу двајцата Mинистри, заеднички беше поздравено интензивирањето на билатералните односи, особено по отворањето на резидентните амбасади во Токио и Скопје. Беше поздравена јапонската иницијатива за соработка со Западен Балкан и беше упатена покана до aмбасадорот надлежен за земјите од Западен Балкан да ја посети Република Македонија. Истовремено беа разгледани модалитетите за унапредување на техничката соработка во функција на стимулирање поинтензивна проектна активност. Министрите разменија мислења за регионалните и глобалните безбедносни предизвици и потребата од адекватен колективен одговор во рамките на ОН.

Со министерката за надворешни работи, правда и култура на Лихтенштајн, Аурелија Фрик, се разговараше за модалитетите за унапредување на меѓусебните односи, со фокус врз мултилатералната соработка.

Министерот Димитров оствари средба и со пратеникот на грчката опозициска партија Нова демократија, Јоргос Кумуцакос кој во партијата е одговорен за надворешна политика. На средбата беа разменети мислења за актуелните динамики и за процесот за надминување на разликата околу името.

На покана од премиерот на Баварија, министерот Димитров присуствуваше и на Државната вечера, приредена по повод Минхенската конференција.