01/05/2024
Македонија

Заев: Се потврди незаконитоста на ПИ мерките, очекувам правда

Изјава за медиуми, Зоран Заев, претседател на СДСМ

Почитувани претставници на медиумите, денеска завршија судските рочишта по таканаречениот предмет “Поткуп” за којшто сум обвинет за поткуп. Среќен сум, што преку јавноста и транспарентноста на процесот, конечно македонската јавност ја дозна вистината, задоволен сум што преку еден ваков јавен и транспарентен процес , преку одбраната, заедно со моите адвокати добив фер и законско право да ја изложам одбраната и секако да ја докажам мојата невиност, согласно тоа ќе ја почитувам секоја судска одлука каква и да биде донесена од страна на судечкиот судија. Промената на обвинението, односно преквалификацијата на самото обвинение, а согласно законот, со самото тоа и потврдата за незаконитоста на ПИ мерки, за снимање на просториите, за слушање на телефоните и слично, само по себе, уште еднаш по не знам кој пат докажуваат каква била злокобна, зла и незаконска намера, заради политички цели да се злоупотребат институциите на мојата земја, на мојата татковина Република Македонија, против мене, во тоа време како шеф на опозицијата, за да бидам спречен, или во најмала рака дискредитиран при објавување на процесот или проектот на “Вистината за Македонија” преку т.н. политички бомби. Очекувам пресуда во понеделник, закажано е рочиште од судот, односно повикани сме од судот во понеделник во 12.00 часот, да биде објавена пресудата за овој предмет.

Медиуми: Обвинителството го преквалификуваше делото во полесно, во помала затворска казна, но сепак остана на ставот дека имало обид, односно дека бараат да бидете прогласен за виновен. Коментар?

Јас верувам дека тоа е нешто што најмалку можело да го направи обвинителството, за да, колку толку ја сочува честа и достоинството на Јавното обвинителство. Ова е срам за Јавното обвинителство во тоа време што се случувало и како било злоупотребено. Веројатно не се повлекуваат од обвинението, тоа е нивно право, јас тоа го почитувам до самиот крај иако е јасно како бел ден, од проста причина, според мое убедување, единствено за да до крај не го потврдат и самите обвинители срамот врз државното Јавно обвинителство односно за Обвинителството за организиран криминал којшто го спроведувало ваквиот предмет. Но, секако, драго ми е што јавноста го следеше целиот процес , буквално, сè што се случуваше сè беше онлајн. Јас верувам дека ќе дочекам правда, треба да веруваат и граѓаните, дека ако се правични, ако не се виновни ќе ја дочекаат правдата. Во Македонија нема повеќе влијание врз правосудството, правосудството во Македонија работи исклучливо по свое убедување, согласно Устав и Закон, и тоа единствено така мора да остане.

Медиуми: Очекувате ли обвинителите коишто го поведоа да одговараат пред Советот на јавни Обвинители?

Ние, јас со адвокатите колку што знам, имаме покренато и кривични пријави против обвинителите коишто го организирале целиот овој процес. Сега е повеќе од јасно, сведокот го потврди тоа како го монтирале, како го терале, буквално недозволливо со целиот овој процес. Секако, полагам надеж кон моите бранители дека до крај ќе ги истуркаат процесите заради тоа што неказнивоста за било што во нашата земја значи и повтарање на глупостите или делата коишто во минатото се случувале. Јас ветив дека ќе се борам никогаш повеќе да не се повторат сите овие работи што се повторувале во Македонија. Не само против мене и врз мене, туку и за било кој друг граѓанин на Македонија, така што, верувам дека судските инстанци ќе ги процесуираат предметите за коишто гониме ние против тогашните обвинители. 
Медиуми: Значи вие рековте, се заблагодаривте на фер судење, вашиот адвокат кога зборуваше за Европскиот суд , напомена дека со самиот агент провокатор не сте добиле фер судење, во таа смисла, што очекувате од пресудата, дали ќе биде на пола некаде, да се задоволи правдата?

Веројатно поентата на адвокатот била некоја сосема друга, ние добивме фер судење, ние немавме поплаки на судскиот процес , на самата постапка од целиот судски процес, инаку во целиот овој период во минатото се борите против мечка, од мојата земја, со сите институции на мојата земја. Против мене, а зошто? Заради должноста да ја споделам вистината со граѓаните. Тоа е должност. Ако не ја споделам, веројатно се инкриминирам себеси и станувам соучесник во ваквите работи. Граѓанска обврска посебно како шеф на опозицијата моја должност беше да ја споделам вистината за Македонија за таму каде што постојат сериозни индиции, а остатокот, како што постапив, да се предадат на независни институции како што е СЈО.