24/04/2024
Македонија

„Зајакнување на капацитетите на Координативните центри за интегрирано гранично управување“

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која придружувани од директорот на Царинска управа на РСМ, Ѓоко Танасоски денеска имаа свое обраќање на почетокот на дводневната регионална конференција на тема „Зајакнување на капацитетите на Координативните центри за интегрирано гранично управување“. На оваа регионална конференција учествуваа претставници на граничните и царинските управи од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија , Грција, Косово, Романија и Турција кои ќе ги споделат најдобрите меѓународни практики за спречување на организираниот криминал и корупција.

Во своето обраќање Амбасадорот Која истакна дека ваквите настани се од големо значење поради размената на искуствата и најдобрите практики за интегрирано гранично работење и одржување на безбедноста на границите како и подобрување на граничните услуги.

Директорот на Царинската управа Танески исто така истакна дека одделните гранични служби се генерално поефикасни кога соработуваат и дејствуваат заеднички. Дополнително додаде дека за постигнување на целта отворени и безбедни граници, за Царинската управа значи потреба од постојани промени и прифаќање на нови начини на работа, кои ја надминуваат основната работа на институцијата како институција за наплата на давачки.

Во продолжение на ова соопштение Ви го испраќаме интегралниот говор на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

„Апсолутно очекувано е да се прифати дека како земји кои се составен дел на глобалната светска заедница, глобалните закани, глобалните пазари и глобалните медиуми се нашата заедничка реалност.

Дел од таа реалност се и нелегалните глобални прекугранични активности за кои се неопходни соодветни одговори.

Предизвикот е двојно поголем бидејќи денеска границите не се само бариери и задолжително места кои треба херметички да затворат една национална заедница.

Напротив во глобалниот свет, ако слободниот проток на луѓе и производи мора да биде максимално ефикасен, двојно повеќе треба да бидат поефикасни мерките за борба против организираниот криминал, вклучувајќи ја корупцијата и илегална миграција, трговија со оружје, шверцот на дрога и трговијата со луѓе.

Како порта на Европската Унија, Западен Балкан е клучната точка на овие нелегални активности. Затоа наша институционална и морална должност е да ги запреме сите криминални прекугранични активности.

Ефикасен одговор на овие прашања дава интегрираното гранично управување на национално ниво.

Бидејќи станува збор за глобални феномени кои се однесуваат на сите земји од нашиот регион, како императив се поставува неопходноста од соработка на заедничките гранични и безбедносни предизвици како клучна за подобрување на регионалната стабилност во Западен Балкан.

Заради тоа, оваа конференција, во организација на ОБСЕ и на Националниот координативен центар за гранично управување на Република Северна Македонија, е исклучително значаен придонес за размена на искуства и подготовка на прифатливи протоколи за соработка за сите земји на нашите заеднички граници.

Соработката меѓу координативните центри за гранично управување во меѓународни рамки гледано од денешна перспектива, е од суштинско значење за превенирање, откривање и докажување на кривични дела кои се случуваат на граничните премини, како и во борбата со организираниот криминал и тероризам.

Во таа насока, Владата на Република Северна Македонија останува со силна заложба во борба против организираниот криминал и корупцијата, и ја поддржува оваа конференција.

Подготвени сме да ја дадеме целата неопходна логистика и институционална поткрепа како наш придонес за справување со сите зла на границите во 21 век.

За мене е од особено значење присуството на претставниците на највисоките оперативни структури од земјите учеснички на конференцијата чија должност е превенирање, откривање и докажување на кривичните дела од организираниот криминал, корупцијата и илегалната миграција, трговија со оружје, шверцот на дрога и трговијата со луѓе, сето ова упатува на сериозноста и на потребата од оваа меѓународна конференција.

Убеден сум дека владите на земјите од регионот ќе ги добијат најдобрите насоки и препораки од размената на искуствата помеѓу присутните оперативни структури во наредните два дена, со што во иднина сите земји би имале придобивки за побезбедни граници.

Ја поздравувам определбата да работиме заедно за да осигуриме заедничко гранично управување. Направен е сериозен напредок, но можеме да постигнеме уште повеќе.

Уште еднаш, ви посакувам успешна работа на конференцијата „Зајакнување на капацитетите на Координативните центри за интегрирано гранично управување“.