30/04/2024
Охрид

Започна 35. издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“

Со пригодна свеченост, вчеравечер во селото Велестово беше означен почетокот на  35 –то издание на интернационалната културна манифестација, “Поетска ноќ во Велестово”.  

Манифестацијата се реализира со поддршка на Општина Охрид , а на свеченото отворање пригодно обраќање имаше советничката во Советот на Општина Охрид, Билјана Тодева Стојановска.

-Поезијата е израз на уникатна креативност и длабоки чувства, а секој стих е чекор до ново уживање. Преку поезијата, мислите преточени во силни емоции, добиваат нови димензии и ни отвараат нови хоризонти. Во светот на поезијата, времето се согледува од друг аспект, каде што секој миг може да трае вечно, а секој збор може да стане вечност.

Драги поети, љубители на пишаниот збор, ценети гости. Огромно е задоволството да се биде вечерва овде, на овој прекрасен настан, со кој се означува почетокот на 35.издание на интернационалниот фестивал „Поетска ноќ во Велестово“.

Горди сме што Охрид продолжува да биде центар на уметноста и тоа што сме домаќини на вакви културни случувања. Овој фестивал е најзначајниот меѓународен настан од областа на поезијата во нашиот град, кој го привлекува вниманието на истакнати поети од целиот свет. Посакувам оваа манифестација да продолжи и понатаму да биде извор на неизмерна инспирација и да продолжи да не носи на незаборавни поетски патувања.
Во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков, би сакала да искажам огромна благодарност до организаторите, за нивната неуморност и посветеност на една ваква манифестација, која опстојува повеќе од три децении, со надеж и желба дека и во иднина ќе може да уживаме во уште поуспешни фестивалски изданија.

Почитувани, Охрид има уникатна природна убавина и непроценлива историска и културна вредност. Со се што поседува овој град претставува вистинска инспирација за уметност и совршено место за творење и креативно усовршување. Ве поканувам да го искористите престојот во нашиот туристички бисер и да понесете незаборавни спомени, истакна Тодева Стојановска во своето обраќање.

Во рамки на свеченото отварање се одржа промоција на книгата „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ во која се застапени 114 поетеси од повеќе етникуми, што твореле и творат на територија на државата. Исто така беше одржано и Интернационално поетско читање и беше отворена изложбата на уметникот Тони Попов.

 


WebOhrid / 19.08.2023 / Општина Охрид