01/05/2024
Охрид

Започна реконструкцијата на булеварот „Македонски Просветители“

Од денес започнаа градежните активности за реконструкција и уредување на Булеварот „Македонски Просветители“. Со проектот предвидено е да се изврши реконструкција на двете коловозни ленти кои меѓусебно ќе бидат одвоени со зелен појас. Предвидено е паркирањето на булеварот да биде косо под агол од 45 степени по една страна. Исто така со проектот е опфатена и изградба на велосипедска патека која ќе биде двонасочна и две пешачки патеки.

„Денес започнуваме со изградба на булеварот „Македонски Просветители“ кој што документационо беше завршен во изминатиот период. Во моментов ќе тендерираме уште две работи кои не беа довршени во однос на документација. Бидејќи рокот за изградба на проектот ќе биде околу 6 месеци, тековно ќе ги средиме не само документите, туку и самиот тендер за осветлување, така ќе имаме комплетно булеварско решение со двосмерна велосипедска патека, две пешачки патеки и секако две коловозни ленти кои ќе се движат во двата правци, паркингот ќе биде префрлен од другата страна и паркирањето ќе биде косо под агол од 45 степени.“ – истакна градоначалникот Кирил Пецаков.

Изведувач на градежните зафати е АД „Илинден“, а вредноста на проектот изнесува околу 38 милиони денари.