29/04/2024
Македонија

Започна учебната 2023-2024 година

На првиот ден од учебната 2023-2024 година, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, заедно со претседателот на Владата Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и неколку пратеници во Собранието, го посетија Регионалниот центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ во Куманово, каде испратија заедничка порака дека Владата и Министерството вложуваат во квалитетно образование и добри образовни политики, но за нивно успешно реализирање неопходно е сите заедно, институции и граѓани, во центарот на делувањето да го имаат најдобриот интерес на учениците.

Посакувајќи им успеси на учениците и наставниците, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, истакна дека учебната година започнува со повеќе нови учебници во основното и средното стручно образование, 50тина реконструирани и неколку нови училишни објекти, како и со најава за повисоки плати за просветните работници.

„Со помалку предизвици и со што подобри резултати да ја заокружиме новата учебна година. Да се заложиме сите. Потребна е поддршка од семејствата на учениците, од наставниците, граѓанските организации, бизнис заедницата и воопшто на сите општествени чинители, затоа што конечно на крајот, какви ученички генерации ќе создадеме не зависи само од еден фактор, или од една засегната страна, туку од сите нас. Во меѓувреме, Министерството за образование и наука останува отворена институција за соработка и ќе се трудиме да бидеме на висина на задачите, водејќи се секогаш по најдобрите интереси првенствено на младите“, рече министерот.

Шаќири потсети дека учебната година ќе трае до 17 јуни, а за прв пат, по примерот на повеќе развиени земји во Европа, се воведува и пролетен распуст кој ќе трае од 29 април од 5 мај. Информираше и дека во училишните клупи има над 250 илјади ученици, од кои околу 20 илјади се првачиња.