26/04/2024
Македонија

Започна кампањата за бесплатно чипирање на милениците

Тригодишното улично куче Изи, вдомено во Скопје, прво доби бесплатен микрочип, со што и официјално почна кампањата на Агенцијата за храна и ветеринарство за идентификација и регистрација на домашните миленици. Микрочипот на Изи денеска му го аплицираше директорот на Агенцијата Зоран Атанасов, кој воедно е и ветеринарен лекар. Во Универзитетската ветеринарна болница при Факултетот за ветеринарна медицина, пренесува МИА, постапката на микрочипирање ја следеа и претседателот на Ветеринарната комора на Република Македонија Томислав Николовски, како и универзитетскиот професор по ветеринарна медицина Пламен Тројачанец.

Тројачанец објасни дека микрочипирањето е безболно, а микрочипот се аплицира во пределот меѓу плешките. Микрочипот е мал електронски уред, како зрно ориз. Содржи информации за сопственикот на миленикот, расата на кучето, полот, за тоа дали е вакцинирано и кога е третирано со средство против паразити. Овие податоци во вид на низа од бројки, се внесуваат во електронски систем од каде се веднаш и брзо достапни.

Во пакувањето, заедно со микрочипот има и налепница со соодветното бројче (како онаа на микрочипот) која се става во пасошот на миленикот.

– Микрочипот не е разградлив, но не е ниту од материјал што на каков било начин може да го изиритира организмот на животните. Содржи бројче и преку него практично се обезбедуваат основните податоци на миленикот што овозможува негово следење. Ако случајно се изгуби, неговиот сопственик може веднаш да се лоцира, да се пронајде и да му се врати. Исто така, ветеринарната струка на овој начин, ќе знае колку живтони има, ќе има увид, објасни професорот.

Според него, свесноста на сопствениците во овој сегмент е солидно, но не на потребното, задоволително ниво.

– Би апелирал, да се подигне свеста кај луѓето што чуваат миленици за одговорно сопствеништво. Животните се чувствителни, не се „ствари“ како што стои, за жал, се уште во нашите закони, и не може туку – така да бидат средство за трговија. особено не смее да се напуштаат за што и тие чувствуваат и страв и болка и вознемиреност, исто како ние, само поинако го покажуваат, напомена Тројачанец.

Некои сопственици на миленици, дополни, поставуваат интересни прашања, од типот: дали ако ми се изгубни кучето ќе може да го најдеме преку сателит. Тоа, рече професорот, не е точно, ниту возможно иако има и такви уреди.

Истакнувајќи го значењето од идентификувањето на милениците, и претседателот на Ветеринарната комора Николовски апелира на одговорно сопствеништво.

– Со оваа кампања почнуваме да го реализираме концептот на одговорното сопствеништво зашто не е обврзно некој да има домашен миленик, но треба да воспоставиме систем на свесност дека основниот атрибут на сопственоста на домашниот миленик е одговорноста, подвлече Николовски.

За бесплатното микрочипирање се склучени договори со речиси сите ветеринарни друштва во Македонија, вкупно 135, за да можат сопствениците на миленици сами да одберат каде ќе однесат своето маче или куче.

– Сопствениците на миленици масовно да ја искористат оваа еднократна донација. Кампањата ќе трае до 31 март идната година, додека не се потрошат набавените 100.000 микрочипови, а ќе се спроведува по принципот „прв дојден, прв услужен“, подвлече директорот на АХВ Атанасов.

По Изи, во Ветеринарната болница микрочипови добија уште две расни кучиња, златниот ретривер Арон и женката „бигл“ Ајви. Ред чекаа уште неколку, а нивните сопственици ја поздравија и поддржаа кампањата на АХВ.

– Во целост ја поддржува кампањата за бесплатно чипирање на кучињата и мачките. Како сопственик на куче, од особена важност ми е ако ми се изгуби, да бидам сигурна дека ќе можам да го најдам. Ќе може да се следи и здравствената состојба на миленичињата. Од друга страна, ако некој несовесен сопственик го исшушти кучето, ќе може да се лоцира, изјави Маријана Марковиќ, сопственик на куче.

Кампањата за бесплатно микрочипирање на милениците е дел од тригодишната стратегија што ја донесе АХВ за да се обезбеди здравствена заштита и благосостојба на животните, но и за да се поттикне одговорното сопствеништво, како и да се намали бројот на кучињата скитници по улиците низ државата.