23/04/2024
Македонија

Затворени седум нелегални обложувалници

Вчера (26.11.) Министерството за внатрешни работи во соработка со Управата за јавни приходи, реализираше акциска контрола во осум објекти – спортски обложувалници на подрачјето на СВР Скопје (два) и СВР Тетово (шест).

Во акциската контрола чијашто цел беше проверка на оперативни сознанија и обезбедување на докази против лица – организатори кои нелегално приредуваат игри на среќа во различни објекти, согласно член 156 од КЗ на РМ (“приредување на игри на среќа без лиценца, односно дозвола од надлежен орган“), од извршените контроли во осум објекти само еден од нив поседувал лиценца за работа (во с.Боговиње-тетовоско). Во останатите седум (две на подрачјето на СВР Скопје и пет на подрачјето на СВР Тетово) констатирано е дека тие работеле нерегуларно, заради што од страна на Управата за јавни приходи на истите им се изготвени Записници за извршена контрола и издадени се Решенија за забрана за приредување на игри на среќа во деловна просторија во рок од 30 дена, по чл.151 ст.6 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Истовремено известени се надлежните јавни обвинителства во Скопје, Тетово и Гостивар и во консултација со дежурните јавни обвинители дадени се насоки за постапување на полициските службеници и инспекторите од Управата за јавни приходи. Сите објекти од страна на Управата за јавни приходи се затворени и запечатени. За време на контролите од страна на полициските службеници од објектите се одземени 70.500 денари, 305 евра, 100 швајцарски франци, тикети за уплата, билтени, како и опрема: 39 телевизори, 21 куќиште за компјутери, 19 монитори за компјутери, 11 принтери за тикети, три ресивери за телевизија, три принтери и читачи на баркодови, два апарати за трки на кучиња и друго.

Покрај ова а во врска со активностите за откривање на нелегално организирање на игри на среќа, вчера, по претходно добиена наредба од надлежен суд, беа извршени и два претреси во куќа и стан на подрачјето на СВР. Притоа откриени и запленети беа компјутерска опрема, принтери за тикети, бланко обрасци за уплата на спортски натпревари, писмена евиденција на лица кои уплаќале спортски натпревари, носители на електронски податоци (ЦД, УСБ и др.) и друга попратна документација за водење на бизнис со спортско обложување. Во консултација со јавен обвинител МВР работи на целосно документирање на случаите по што против повеќе лица ќе бида поднесени соодветни кривични поднесоци.