Здружението на луѓето со ХИВ со пораки по повод Светскиот ден на СИДА

Пандемијата на КОВИД-19 изнесе на виделина многу предизвици со кои се соочуваат здравствените системи ширум светот во справувањето со нови вирусни или други инфекции. Особено дојдоа до израз недоволните капацитети во областа на јавното здравје и потребата од поголеми инвестиции во здравството воопшто.

Од друга страна, неколкудецениското искуство на светот од справувањето со епидемијата на ХИВ, нуди незаменливи лекции што треба да се искористат и во одговорот кон новиот коронавирус. Имено, справувањето со една епидемија треба да се потпира на добра информираност, стратешки податоци, почитување на човековите права, вклученост на повеќе сектори, а не само здравствениот, и треба да се занимава со социјалните и структурните нееднаквости што определени групи граѓани ги прават поранливи на еден конкретен вирус.

КОВИД-19 е едно непријатно потсетување дека разни патогени организми се постојана можна закана за човештвото. Здравствениот систем мора да биде подготвен и флексибилен да одговори брзо и ефикасно на сите здравствени предизвици во услови на една таква активна закана. Но, на КОВИД-19 треба да се гледа и како на можност да се преосмислат системите за здравје, кои ќе даваат вистински резултати, засновани врз почитување на човековите права и еднаков третман на сите, ќе бидат ефикасни, како и соодветно финансирани.

„Укажуваме дека интензивниот фокус на пандемијата на КОВИД-19, не смее да ги намали напорите да се справиме со епидемијата на ХИВ, која сè уште е активен проблем на јавното здравје во Македонија и на луѓето засегнати од овој вирус. Во согласност со насоките на Светската здравствена организација, земјите мора да осигурат непрекината достапност на основните услуги за превенција и лекување на ХИВ-инфекцијата во рамките на ургентниот одговор кон КОВИД-19, за што се неопходни соодветни ресурси и механизми.

Загрижени сме поради фактот дека оваа година е значително намалена стапката на новооткриени случаи на ХИВ и досега изнесува помалку од половина од бројот на откриени случаи минатата година. Тоа може да се објасни со кризната состојба, но не смее да се занемари. За да останеме на патеката кон ставање крај на ХИВ-инфекцијата како проблем на јавното здравје, неопходно е значително да го зголемиме бројот на луѓе со ХИВ што го откриле својот позитивен статус и почнале со терапија.

Очекуваме буџетот за антиретровирусна терапија да се планира врз основа на потребите и да се сообразува со зголемениот број пациенти што имаат потреба од терапија секоја наредна година. Потсетуваме дека вкупниот број пациенти на терапија во последниве 3 години се зголемил за повеќе од половина во однос на состојбата од крајот на 2017 година. За ова прашање апелираме да се изнајде итно решение за 2021 година.

Потсетуваме дека човештвото не е осудено вечно да живее со ХИВ. Денес знаеме дека на епидемијата на ХИВ може да и се стави крај до 2030 година, а знаеме и како. Неопходна е континуирана политичка волја и континуирани инвестиции кои се потпираат врз докази и анализа на состојбите.

Изразуваме почит кон сите здравствени работници и соработници вклучени во одговорот кон КОВИД-19. Особена благодарност им искажуваме на вработените на Клиниката за инфективни болести за натчовечките напори што ги прават за да спасат животи, а во исто време да ја одржат и редовната грижа за пациентите со ХИВ.

 

Што правиме ние во контекстот на КОВИД-19?

Во текот на целиот период на настанатата криза, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, како здружение на луѓето што живеат со ХИВ, ги нуди своите редовни услуги за поддршка во рамките на Програмата за ХИВ, во соработка со Министерството за здравство. Континуирано ги нудиме и услугите за бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање со брзи тестови.

Се вклучивме во националниот одговор кон КОВИД-19 на неколку начини, а особено преку организирање на доставувањето на терапијата за ХИВ до пациентите надвор од Скопје, со што придонесуваме да се намали изложувањето на пациентите на непотребни ризици. Со тоа истовремено помагаме и да се намали притисокот врз Клиниката за инфективни болести во текот на актуелната криза.

Нудиме проверени и релевантни информации за корисниците на нашите услуги во врска со мерките за заштита од КОВИД-19, како и помош во прехранбени и хигиенски производи за лица со ХИВ во неповолна социјална положба.

Светскиот ден на СИДА, 1 декември, 2020 година, го одбележуваме со неколку креативни активности осмислени од самите луѓе што живеат со ХИВ и нашите активисти – повеќе информации може да најдат на нашиот вебсајт и во продолжение:

Краток видео-спот со јавни и влијателни личности, кои ги пренесуваат најважните пораки за ХИВ

Едукативна стрип-приказна за искуството на правење ХИВ-тест, добивање позитивен резултат и соочувањето со новата околност.“ -стои во соопштението од Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје по повод Светскиот ден на СИДА, 2020.