26/04/2024
Охрид

Бакраческа: Подобрувањето на квалитетот на животната средина е прашање на опстанок на младите во Македонија

Кандидатот за пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во 5-тата изборна единица, д-р Грација Бакраческа, денес одржа прес-конференција на која истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се обврзува за здрава и чиста животна средина, и претстави повеќе проекти за намалување на урбаното загадување на воздухот.

„Ние сме патриоти и го сакаме својот народ. Сакаме младите да растат тука и да растат здрави, а по нас да оставиме здрава и чиста животна средина. Подобрувањето на квалитетот на животната средина е прашање на опстанок на младите во Македонија. Затоа, со граѓаните сакаме да направиме Договор за здрава и чиста животна средина.

Приоритетите на програмата за Обнова на Македонија се: чист воздух, соодветен третман на отпад, чиста вода и речни текови, борба со урбаната бучава, зазеленување на македонските градови и планини, урбанизам за луѓе и климатски промени.

Инспекцискиот надзор во животната средина ќе овозможи строг и правичен инспекциски надзор над сите загадувачи на животната средина.

Со цел намалување на урбаното загадување на воздухот, ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да ги имплементира следните проекти: поддршка за воспоставување јавен транспорт на чисти горива, природен гас и на електричен погон; субвенции за такси превоз без емисија на цврсти честички и без бучава (природен гас и електромобили); поддршка на локалните самоуправи при изградба на велосипедски патеки, пешачки зони, зони на смирен сообраќај; и поддршка за бесплатен јавен градски и државен превоз за сите ученици и студенти.

Со спроведување на строг инспекциски надзор над градилишта во делот на емисии во воздух, вода и во отпад се стремиме кон креирање на градилишта без штетни емисии.

Со проектот Зазеленување – зелена Македонија се планира засадување 2.000.000 садници од автохтони неалергени видови годишно во руралните и во планинските предели и 500.000 садници во урбаните средини годишно. Секое семејство најмалку еднаш годишно ќе има можност да добие садница и да ја засади на локација по сопствен избор, во својот двор или на јавен простор.

Проектот Урбанистичко планирање за Зелена Македонија во соработка со ЕЛС ќе значи: работа по принципите на зелени градови, зелени маала, зелени улици со зелени згради; поддршка при донесување урбанистички планови со 30% зеленило на ниво на маало, детален и генерален урбанистички план; задолжителна обврска за стратегиска оцена на животната средина и кумулативното влијание врз животната средина од планска документација и градежна активност; и донесување законска и подзаконска регулатива за одржување на јавното зеленило и на зеленилото во приватните парцели.

Затоа на 15 јули да одбереме обнова. Обнова за здрава животна средина, нови работни места, повисока додадена вредност на нашиот труд и можност за извоз на знаење и на производи.

Број 14 за чист воздух, чиста вода и соодветен третман на отпад.

14 за заштита на животната средина!

14 за обнова на Македонија!“ – истакна Бакраческа.