26/04/2024
Охрид

Божиновски: СДС врши политички реваншизам во образовните институции

СДС наместо живот за сите донесе беда за сите. Се бркаат луѓе од работа само затоа што се политички неистомисленици.  СДС без работа остави над 50-тина стручни и обучени наставници и стручни соработници со решение на неопределено работно време, во образовните институции во Охрид. Тоа се бремени жени, самохрани мајки, млади, луѓе со фамилии, на голем дел од нив тоа им е основен извор на приход, плата од која ја прехрануваат целата фамилија, рече на денешната прес-конференција, портпаролот и шеф на центар за комуникации, Перчо Божиновски.

„Ова ли е еднаквоста и солидарноста? Ова ли е еднаквост за сите и непартизираното општество кое го ветуваа? Ова е класичен политички реваншизам. Единствената задача на довчерашните партиски потрчковци и шарачи на институции од СДС, а сега незаконски поставени директори, е да ги шиканираат, малтретираат и заплашуваат оние што не мислат како СДС. Целосното неоправдано отстранување од воспитно-образовниот процес е по принципот на субјективно партиско размислување и пресметка со политичките опоненти и неистомисленици иако за сите нив УО-и се изјаснале со позитивно мислење.Предизборните ветувања на градоначалникот Јован Стојаноски, дека кон вработените во администрацијата и јавните претпријатија нема да има никаков реваншизам, беа чист популизам.“ -рече Божиновски.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува Државниот просветен инспекторат и Синдикатот на просветни работници да ги заштитат наставниците додека пак Директорите веднаш да ги отповикаат овие несфатливи и крајно реваншистички одлуки за кои ќе сносат одговорност. ВМРО-ДПМНЕ на секој легален начин ќе се спротивстави на ваквите појави.

„Со преземањето на Локалната власт, обесправените и оштетени просветни работници кoи се жртви на овој режим предводен од хунтата ќе бидат вратени на работа.“– додаде Божиновски.