Георгиески: Ја поведуваме битката за враќање на сјајот на Охрид

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески денес по барање на медиумите даде официјална изјава во врска со забелешките што се наведени во Извештајот на УНЕСКО, кој треба да биде разгледан на 43-та сесија на Комитетот за светско наследство што ќе се одржи наредниот месец во Баку.

„Долгогодишното катастрофално управување со Охрид на сите нивоа резултираше со сегашната состојба. Несоодветните законски решенија кои се подготвувани ад хок за задоволување на одредени политички и финансиски моќници како и нефункционалните институции се „рак-рана” не само на Охрид, туку и на нашата државата во целина. Сега нам ни останува заеднички со посветена работа да ја запреме понатамошната деградација и девастација на Охрид и да поправиме дел од штетите кои што се направени во минатото.

Јас како Градоначалник и општината ја поведуваме битката за враќање на сјајот на Охрид и знаеме дека тоа нема да биде лесно и ништо нема да се промени преку ноќ. Меѓутоа, да не сметавме дека можеме и дека умееме, немаше да се нафатиме на оваа благородна мисија.

Точно е дека Извештајот на УНЕСКО кој пред неколку дена беше објавен ја отсликува реалната состојба на терен во нашиот регион. Во тој извештај се нотирани низа позитивни исчекори кои сме ги направиле, а нотирани се и проблемите кои на сите ни се добро познати и од овој период започнуваме тие проблеми да ги решеваме,“ – истакна Георгиески.

Тој најави дека општината ќе изработи план во кој ќе бидат наведени сите активности кои треба и можат да бидат преземени во рамки на законските процедури со прецизни рокови за реализација, во согласност со препораките на УНЕСКО.