26/04/2024
Охрид

Инфо ден, во рамки на националната кампања- “365 работнички права на младите“

Здружението за мултикултурна интеграција “Инклузија” од Охрид денес организираше инфо ден, во рамки на националната кампања- “365 работнички права на младите”. Меѓу младите средношколци и студенти во градов, владее голем интерес за детално запознавање со нивните права при остварување работен однос, по завршувањето на основното, средното и високото образование.

Спроведувањето на оваа кампања е од исклучително значење, со оглед на податоците дека дури 53.000 млади луѓе во Македонија воопшто не се евидентирани во системите за вработување, не се активни баратели на работа, а многумина од нив работат и во несоодветни услови и се потполно обесхрабрени и невидливи за системот.

Секое второ лице работи неформално, како никогаш о да не работело, а секој 6-ти од 10 млади луѓе, не е информиран за своите работнички права. Според статистиката, дури 80% од младите луѓе, откако ќе завршат високо образование, на вработување чекаат повеќе од една година.

Кај високо образованите кадри просекот е околу 12 месеци, а додека пак кај оние со средно образование 32 месеци. Кај оние кои имаат само основно образование, се чека дури и до 62 месеци.

Препораките одат во насока дека секој млад човек кој стапува во работен однос мора добро да го прочита договорот за вработување, пред да го потпише и активно да придонесува кон негово целосно и соодветно почитување и исполнување.

Кампањата ја спроведуваат младинските информативни и советодавни центри ИНФО СЕГА од Прилеп и Кавадарци, во соработка со www.fakulteti.mk и конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија. Оваа кампања вклучува серија активности, во текот на целата 2018 година, од типот на едукативни работилници, квизови, итн.

Во наредниот период, дел од овие активности ќе бидат спроведени и во секое од четирите средношколски центри, како и во факултетите во општината.