27/04/2024
Охрид

Учениците и наставниците од ООУ „Ванчо Николески“ со низа активности за поддршка на лицата со ретки болести

И оваа година учениците и наставниците од ООУ „Ванчо Николески“ – Лескоец се вклучија во поддршка на лицата со ретки болести, правејќи низа активности и креативни работилници во текот на овој месец.

Преку обоени дланки, цртежи, пароли и пораки изразија поддршка за лицата со ретки болести, сочувствувајќи со нив, искажувајќи почит и разбирање за нивната тешка ситуација, но и спремност да се подаде рака кога е потребно.

Во активностите се вклучија учениците и наставниците и од подрачните училишта, а меѓу испишаните пораки беа и следниве: „Ретко е да си редок“, „Се грижиме дека сте ретки“, „Заедно сме посилни“.

Зградата на ООУ „Ванчо Николески“ во Лескоец блесна осветлена во различни бои, во знак на разбирање и целокупна поддршка што колективот и учениците ја даваат за оваа категорија луѓе.

„Нашето училиште секоја година се вклучува во поддршка на лицата со ретки болести, а со тоа нашите ученици ги воспитуваме во духот на прифаќање, почитување, хуманост, помагање, толеранција и грижа за другите.“ – информираат од ООУ „Ванчо Николески“ Лескоец.


WebOhrid / 14.02.2023 / ООУ „Ванчо Николески“