11/05/2024
Дебрца

Интензивно се работи на изградбата на фекална канализација во Горенци

Општина Дебрца продолжува со реализација на капиталниот проект Изградба на фекална канализација за прифаќање на отпадните води во Горенци. Градоначалникот на Општина Дебрца, Игор Трајкоски изврши увид во селото Горенци каде се одвиваат градежни активности околу изградбата на фекалната канализација.

Изградбата на фекалната канализација е проект на Општина Дебрца во соработка со Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како мерка 321.3 за Подобрување на квалитетот на живот во руралните средини.

„Со изградба на оваа фекалната канализација ќе се приберат отпадните води од селото Горенци и ќе се спроведат до главниот колектор кој се протега покрај реката Сатеска. Денес во селото не постои никаква канализациона мрежа. Отпадните води се собираат индивидуално во септички јами, што значи загадување на подземните води и уништување на животната средина. Досега поставени се 2.2 км полиетиленски цевки и бетонирани 116 шахти, а целокупната должина на канализациона мрежа согласно проектната документација изнесува 7.6 километри и ќе се изградат 236 шахти. Вкупната вредност на инвестицијата е 15.673.916 денари.“ – велат од Локалната самоуправа.

Градоначалникот истакна дека и покрај тоа што се работи за проект кој не е ветен со Програмата за локалните избори 2013 година, пристапено е кон изградба на фекалната канализација во Горенци, а од увидот на терен оцени дека градежните работи се одвиваат согласно предвидената динамика од договорот.