Книжевна средба со Смиле Наумоски Брсјак по повод 50 години од неговото творештво како поет, раскажувач и есеист

НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид по повод 50 години од творештвото организира Книжевна средба со Смиле Наумоски Брсјак, поет, писател и есеист од Охрид. 

Модератор ќе биде Милчо Јованоски, а стихови од Смиле Наумоски Брсјак ќе чита Маја Мојсова.

Средбата ќе се одржи во среда на 28 ноември во 13 и 30 часот во Прличевата одаја.

Смиле Наумоски – Брсјак е роден на 2 мај 1951 година во село Годивје, Охридско. Средно образование завршил во Охрид, а Филолошки факултет во Скопје. Неговите поетски почетоци датираат уште од средношколските години,кога бил активен член на литературниот клуб при Градската библиотека во Охрид и добитник на единствената доделена втора награда на литературниот конкурс за најдобро поетско остварување  по повод „Месецот на книгата “ во 1969 година.

Наумоски е добитник и на наградата „Мајски средби“ – Кичево 1970 година. Учесник е на „Млада Струга“ на СВП. Добитник е на многу републички награди, учесник е на „Велестовските вечери“, основач е на литературниот клуб „Бигори“ при Културно – информативниот центар – Скопје и кум е на салонот 19,19. Смиле Наумоски – Брсјак пишува поезија, проза, есеи, книжевни критики. Објавувал во македонската книжевна периодика, а преведуван е на повеќе балкански јазици. Автор е на стихозбирките: „Елементи “ (Книжевна младина на Македонија, 1978) за која ја добива наградата  за најдобра поетска збирка од млад поет на СВП. Следуваат:  „Ковачница “ (Независни изданија – Охрид , 1992) и „Ѕунки“  (Мацедонија Прима , 1996). Во 2001 ја издава стихозбирката „Небесна свадба“ поетски избор  во издание на книгоиздателството „Штрк“,  „Девојката со флејта“ 2000 и „Забранета книга“ 2011  и обете во издание на „Арлекин“. Наумоски е автор и на романот за деца „Новиот ден“ промовиран во мај 2016. Член е на ДПМ од 1994 година.