Комплетиран комплексот „Куќа на фудбалот“

Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин заедно со претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и потпретседателот на Владата на РМ, Кочо Анѓушев официјално го пуштија во употреба новиот капитален објект на Фудбалската федерација на Македонија – новиот сместувачки капацитет за Академијата на ФФМ и младите национални селекции.

„Ако ве дефинираат по делата, а не по зборовите, тоа значи дека сте успеале. Денеска е голем ден, нѐ само за Фудбалската федерација на Македонија, туку и за македонскиот фудбал воопшто. Со отворањето на новиот сместувачки капацитет во рамки на комплексот „Куќа на фудбалот“, дополнително ја вклучуваме нашата федерација во развиеното европско окружување. Кога пред три години, Фудбалската федерација на Македонија влезе во новата програма за развој на УЕФА, јасно и со детален план ги претставивме нашите идеали за младинскиот фудбал. Со програма, услови и методи на работа, а најмногу внимание посветивме на „Фудбалската академија“. Нашата визија беше да ја претставиме Академијата како водечка институција од тој вид во Македонија, со единствена желба своите млади фудбалери да ги подготвиме за времето кое доаѓа, како школа за иднина. Успеавме да пренесеме европско искуство за работа со млади категории, нашите тренери се обучуваа во центрите на УЕФА и низ семинари и практична програма ја добиваат потребната едукација неопходна за развој на младите фудбалери. Отворањето на сместувачкиот капацитет е заокружување на проектот „Академија на ФФМ и УЕФА“ и инфраструктурно комплетирање на тренинг центарот „Петар Милошевски“, рече Илчо Ѓорѓиоски во својот говор.

Претседателот на ФФМ ја потенцираше улогата на УЕФА во развојот на македонскиот фудбал и одличните односи со меѓународните асоцијации.

„Во нашата програма, добрата соработка со меѓународните организации ни беше поставена меѓу приоритетите. Исклучително сме горди на нашиот одличен однос со УЕФА и ФИФА. Како мала федерација добиваме многу од нашите пријатели од УЕФА и ФИФА. Тие се нашите партнери. Организации кои навистина се грижат за вистинските фудбалски вредности. Организации кои им даваат целосна поддршка на сите свои членки кои имаат намера да реализираат значаен проект за нашиот спорт“, изјави Ѓорѓиоски.

Александар Чеферин ги потенцираше заложбите на ФФМ за македонскиот фудбал да зачекори на вистинскиот пат.

„Чест ми е да сум со вас тука во Скопје, секогаш ми е убаво тука. Би сакал да ѝ честитам на ФФМ, која заедно со УЕФА направи големи проекти за развој на фудбалот во земјата. Три стадиони во земјата се реновирани, вклучувајќи ја и арената „Филип Втори“ која беше домаќин на фантастичниот Суперкуп на УЕФА меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Македонија има услови, има база за прогрес на фудбалери. Бројот на терени расте, инфраструктурата се развива, а наскоро ќе го отпочнеме и четвртиот „Хет-трик“ проект на УЕФА. Младинскиот фудбал е приоритет за многу федерации, Македонија отиде чекор напред во тоа. Тимот до 21 година играше на ЕП, додека репрезентациите до 19 и 17 години учествуваат во елитната фаза на УЕФА. Исто така, ФФМ постави и академија за млади фудбалери. Има таленти во оваа земја. Би сакал да ја најавам и новата Лига на Нации, во која Македонија е во одлична позиција во лигата „Д“. Имате група на искусни фудбалери, потпомогната од новите деца. Му кажав на Илчо, нема веќе простор за алиби. Македонија има добра шанса да игра на ЕП. Македонија фудбалски е на повисоко ниво, а УЕФА секогаш ќе биде нејзин партнер“, рече Чеферин.

Претставник на Владата на Република Македонија на отворањето на новиот објект на Фудбалската федерација на Македонија беше вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев, кој изрази благодарност до ФИФА и УЕФА за помошта за македонскиот фудбал, како и до ФФМ за сè што прави за младите категории да бидат со поголеми услови за напредок.

„Ја користам оваа прилика во мое лично име и во името на Република Македонија, да искажам задоволство на отворањето на ваков објект што е важен за развојот на спортот и фудбалот во Македонија и што е најважно посебно е важен за развојот на младите генерации. Тој што се занимавал со спорт знае колку е макотрпно да се дојде до врвот. Таму не се доаѓа на 18 или 19 години. Таму се доаѓа од шест години, толку колку што имаат овие деца. Благодарност до ФФМ, УЕФА и ФИФА за создавањето на овој објект. Децата конечно имаат каде да бидат сместени, нивниот спортски живот да биде организиран и нивната кариера да започне. Ги имаат идеалните услови да покажат резултати. Се надевам дека ова ќе биде зачетокот на една генерација која ќе направи Македонија да не игра епизодна улога во квалификациите за ЕП или СП. Се надевам дека овие услови ќе ни донесат резултати. Меѓу политиката и спортот има сличности, а таа е дека рефлекторите се вперени во вас. Лесно е да се седи на трибина и да се коментира. Меѓутоа кога си на стадионот долу, моментите одлучуваат. Им посакувам многу успех на младите во фудбалот, а на сите останати да бидеме сведоци на една нова генерација на македонски фудбалери“, изјави Анѓушев.