10/05/2024
Македонија

Концерт на млади руски музичари во Прилеп

По повод одбележувањето на Денот на победата – 9 Mај, во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, вечерва (8 мај) со почеток во 19:30 часот ќе се одржи камерен концерт „Амбасада на мајсторство“…

Во рамки на концертот, кој се реализира во соработка со Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија и Санктпетербуршкиот дом на музиката, ќе настапат лауреатите на меѓународни натпревари: Ана Грот на пијано и Полина Борисова на виолина. Грот и Борисова ќе изведат дела од Бела Барток, Антонин Дворжак, Фриц Крејслер, Секеј, Брамс, Рјабцев, Скорик, Рахманинов, Шопен и Албенис.

„Амбасада на мајсторство“ се одржува од 2012 година и вклучува патување на младите солисти од Рускиот центар за наука и култура во странски држави. Во периодот од 2006 до 2017 година се одржани 1190 концерти. Нивните програми опфаќаат 3 165 настапи на водечките сцени во Русија и во руски центри за наука и култура во европските земји.

Санктпетербуршкиот дом на музиката е основан по иницијатива на Министерството за култура на Руската Федерација. Негови основни задачи се развој на класичната музичка уметност, зачувување на традиционалните изведувања (перформанси) и подготовка (обука) на млади руски музичари за меѓународни натпревари и фестивали. Особено внимание се посветува на студенти и дипломци на конзерваториумот на возраст од 16 до 30 години – солисти на оркестарска специјалност.

Влезот за концертот е слободен.