26/04/2024
Македонија

Средба на претседателот Иванов со делегација на Политичкo безбедносниот комитет на Европската унија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими делегација на Политичкo безбедносниот комитет на Европската унија, подготвително тело на Советот на Европската унија, составено од претставници на министерствата за надворешни работи на земјите членки во Брисел.

На средбата беа разменети мислења за аспирациите на Република Македонија за членство во Европската унија, актуелните состојби во регионот, особено во контекст на заканите од илегална миграција, борбата против тероризмот и радикализмот, и кризниот менаџмент.

На средбата претседателот Иванов истакна дека е потребен единствен и координиран одговор на заканите но и развој на превентивен механизам во борбата против насилниот екстремизам и радикализам и странските терористички борци, а државите од Западен Балкан да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на ЕУ со непречен пристап до сите бази на податоци.

Според претедателот Иванов, ниту една земја од регионот нема капацитет самостојно да се справи со илегалната миграција и посочи на потребата од соодветна европска стратегија поддржана со финансиска помош, што е од витално значење за регионалната стабилност. Во тој контекст, претседателот Иванов го истакна значењето на помошта на земјите од Вишеградската група, преку присуството на нивни полициски службеници на северната и јужната граница.

На средбата беше искажан интерес за дефинирање на правна рамка за партнерство со Унијата во однос на заштита на границите, контратероризмот и кризниот менаџмент.

Претседателот Иванов на средбата рече дека интеграцијата во Европската Унија останува еден од основните надворешно – политички приоритети на Република Македонија. Според претседателот Иванов, отворањето на пристапните преговори со Европската унија ќе даде силен импулс за натамошна трансформација на македонското општество и ќе биде најдобар одговор пред предизвиците со кои се соочува земјата.

PBKweb_2