27/04/2024
Македонија

Учество на МНР Никола Димитров на Светскиот Економски Форум-Давос

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров од 24 до 26 јануари 2018 година, на покана од претседателот на Светскиот економски форум (СЕФ) и член на Управниот одбор, Борге Бренде, ќе учествува на 48-от годишен состанок на СЕФ, што ќе се одржи во Давос, Швајцарија.

Делегацијата од Република Македонија ќе ја предводи ПВРМ Зоран Заев, кој е предвидено да се обрати во рамки на неколку сесии на Форумот. На маргините на Форумот, Премиерот и Министерот се очекува да имаат средби со повеќе свои колеги, со високи претставници на ЕУ, како и со други високи претставници од светската политичка и бизнис елита.

Главната тема на Форумот ќе биде „Креирање заедничка иднина во поделениот свет.” „Иднината на Европа” исто така ќе биде во центарот на овогодишниот состанок на СЕФ, а МНР Димитров е поканет како дискутант на неформалниот собир на светските економски лидери на темата „Идентитет, интеграција и миграција“.

На Форумот, меѓу другото најавени се специјални обраќања на премиерот на Индија, Нарендра Моди, премиерот на Канада, Џастин Трудо, премиерот на Италија, Паоло Џентилони, канцеларот на Германија, Ангела Меркел, претседателот на Франција, Емануел Макрон, премиерот на Велика Британија, Тереза Меј, претседателот на САД, Доналд Трамп, претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер.