ВМРО-ДПМНЕ: Ниту едно ветување кое што им го дале функционерите на СДСМ на стружани, досега не го исполниле

По повод неодамнешната посета на Струга, од страна на актуелните функционери на СДСМ, Дарко Каевски и Сања Лукаревска, и нивните моментални ветувања, како и многубројните досега, од ОК ВМРО-ДПМНЕ Струга потсетуваат дека ниту едно ветување кое што им го дале функционерите на СДСМ на стружани, досега не го исполниле.

„За жал, веќе три години граѓаните на Струга добиваа ветувања за реконструкција на затворениот пливачки базен, но сите сме сведоци дека ништо околу тоа не е направено, иако овој проблем претставува рак-рана за стружани.

Во однос на немилиот настан, неодамнешниот пожар во кој целосно изгоре и беше опустошен едриличарскиот клуб ,,Снегар” од Струга, добро е што актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт даде ветување дека најдоцна до месец дена клубот ќе биде обновен и ќе биде ставен во функција, но повторно би сакале да го потсетиме него, како и сите други функционери од власта дека штом ќе дадеш збор, истиот треба и да го исполниш.

Се надеваме дека овој случај нема да заврши како случајот со затворениот пливачки базен за кој што се ветуваше многу, а работите три години не се мрднати од мртва точка.

Како и во претходната наша реакција за пожарот во едриличарскиот клуб ,,Снегар”, така и сега би сакале да го потсетиме министерот Оливер Спасовски и Министерството за внатрешни работи да се ангажираат малку посериозно и да се откријат виновниците за овој немил настан затоа што им ветивте на стружани и повторно ништо до овој момент не е направено од Ваша страна.

Впрочем, вие сте тука за граѓаните, а тие досега ништо не виделе од сите ваши ветувања.

 Граѓаните од вас очекуваат вистински дела и затоа конечно активирајте се и решете некој вистински проблем, а брусењето на шахтите заменете го со некоја поблагородна дејност.“– стои во соопштението.