20/05/2024
Охрид

Започна Меѓународниот музички фестивал „Охридски бисер“

Вчеравечер  во Охрид започна  десетото, јубилејно издание на Меѓународниот музички фестивал „Охридски Бисер”. На свеченото отворање на фестивалот во името на Локалната самоуправа се обрати Советникот во Советот на Општина Охрид Ристо Булоски.

-Ми претставува особена чест и задоволство, во мое лично име и во името на Општина Охрид да Ве поздравам и да Ви посакам топло добредојде на Меѓународниот музички фестивал „Охридски Бисер”. 

Овој фестивал претставува исклучителна можност на едно место, преку креативна сценска програма на отворено, да се видат и да се почуствуваат културата, традицијата и фолклорот на различни земји. Ваквите настани се од големо значење, бидејќи преку нив се популаризираат музиката и танцот и се афирмираат различните фолклорни игри, народни носии и богатото културно наследство.

Особено не радува фактот што Охрид како најважен духовен и културен центар во нашата земја е домаќин на голем број слични фолклорни манифестации, кои ја збогатуваат културната и туристичката понуда на градот и го привлекуваат виманието на туристите.

На учесниците на фестивалот, кој ни доаѓаат од различни европски земји им посакуваме успешна фестивалска програма и пријатен престој во Охрид. Се надеваме дека Вашето слободно време ќе го искористите за уживање во уникатните природни и културни убавини на нашиот град, кои предизвикуваат воодушевување кај сите посетители, истакна Булоски.

Организатор на фестивалот е Здужението „ИАФФ” Охрид, а во рамки на овогодинешната програма свои настапи ќе имаат фолклорни групи од Бугарија, Турција, Полска, Литванија, Словачка, Хрватска и други земји.