Честитка од претседателот Пендаровски по повод 21 декември – Денот на наставата на турски јазик

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 21 декември – Денот на наставата на турски јазик, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Северна Македонија.

Почитувани сограѓани од турската заедница,

Најсрдечно ви го честитам 21 декември – Денот на наставата на турски јазик и ви посакувам многу здравје, радост и бериќет.

Овој ден е врзан со почетоците на слободната македонска држава и Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните со која се гарантира правото на слободен национален живот за немнозинските заедници. Еден од првите плодови на таа декларација беше наставата на мајчин јазик за повеќе заедници, вклучително и за турската. Од тогаш до денес, образованието на турски јазик придонесува кон одржувањето на турскиот идентитет, култура и традиција и негување на соживотот во македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество.

Како лојални граѓани на Република Северна Македонија, припадниците на турската заедница се истовремено и мост за соработка со пријателска Република Туркије.

Драги сограѓани,

Само сплотени можеме да ги надминеме сите предизвици со коишто се соочуваме како држава и општество. Верувам дека припадниците на турската заедница ќе продолжат да го даваат својот значаен придонес кон градењето на стабилна, праведна и просперитетна држава за сите.