26/04/2024
Македонија

Премиерот Заев: „Алкалоид АД Скопје“ е нашиот македонски бренд по кој нашата земја е позната во светот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за здравство Венко Филипче и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на бизнис климата за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ, беа во посета на најголемата компанија од фармацевтската индустрија „Алкалоид АД Скопје“ кадешто остварија средба со директорот Живко Мукаетов и дел од менаџментот на компанијата, ги посетија производствените капацитети „ПЦ Фармација“ и „Институтот за истражување и развој“ и по завршување на предвидените активности дадоа изјави за медиумите.

Во продолжение во целост ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Заев.

„Денеска ја имавме честа да ја посетиме најголемата компанија од фармацевтската индустрија во нашата земја „Алкалоид АД Скопје“ нашиот најпознат македонски бренд во светот.

Најнапред сакам да изразам голема благодарност до директорот Живко Мукаетов и тимот на „Алкалоид“ за гостопримството и посветеноста во организацијата на оваа наша денешна посета.

Целта на посетата е да ги споделиме информациите со менаџментот на „Алкалоид“ за значењето на финансиската поддршка од Планот за економски раст, за постигнатите резултати што компанијата „Алкалоид“ ги бележи и одблиску да се запознаеме со производствените процеси и технологии што оваа наша реномирана домашна компанија ги спроведува.

„АД Алкалоид Скопје“ претставува врвен македонски бренд во фармацевтската индустрија по кој нашата земја е позната во светски рамки преку производство и продажба на фармацевтски, хемиски, козметички производи и производи од билно потекло.

Како што не информираше директорот Мукаетов, компанијата има повеќе од 2.000 вработени и просечната нето плата по вработен во Алкалоид изнесува над 44.600 денари или над 700 евра што е за секоја пофалба и е во насока на владиниот апел до компаниите за исплата на повисоки плати за вработените. Изминатата 2018 година компанијата реализирала 212 нови вработувања и инвестиции од над 17 милиони евра. 

Особено задоволство ми претставува што денеска заедно со директорот Мукаетов, вицепремиерот Анѓушев, министерот за здравство Филипче и министерот задолжен за регулатива за подобрување на бизнис климата, Шапуриќ ќе ги споделиме со јавноста овие одлични перформанси на компанијата и информациите и за финансиската поддршка што ја доби компанијата од Планот за економски раст со кој со за прв пат ги изедначивме условите и критериумите за поддршка на инвестициите и конкурентноста на домашните и странските компании.

„Алкалоид“ како една од нашите најуспешни домашни компании за прв пат добива финансиска поддршка од државата. Со оваа наша домашна компанија потпишавме договор за финансиска поддршка за нов инвестициски проект на компанијата во времетрање од 5 години, и кон крајот на изминатата 2018 годинa на компанијата по овој основ и беа исплатени финансиски средства во висина 35.292.916 денари. 
Повеќе детали за реализацијата на инвестицискиот проект ќе ни каже директорот Мукаетов.

Она што е важно, е дека нашите македонски компании сега се третираат со почит и поддршка од својата држава во којашто ги плаќаат даноците и давачките и придонесуваат за економскиот развој.

Овој модел на поддршка преку Планот за економски раст се покажува како доста успешен и за домашните компании но и за привлекување на странски директни инвестиции.

Изминатата 2018 година имаме рекордни странски директни инвестиции во висина од над 624.5 милиони евра што е највисоко ниво до сега. Само во последниот четврт квартал во 2018 имаме странски директни инвестиции од над 311 милиони евра.

Во 2018 година над 250 домашни компании добија финансиска поддршка преку Планот за економски раст, во 2019 очекувам тој број на компании да се зголеми.
Ова е силна потврда на нашата јасна визија и стратегија со која градиме силна економија која ќе нуди шанси за сите.

На самиот крај, сакам уште еднаш да се заблагодарам за срдечното гостопримство и да ја пренесам пораката дека „Алкалоид“ продолжува да биде нашиот македонски бренд на кој сите се гордееме и да посакам уште многу нови успеси и инвестициски активности на компанијата.