02/05/2024
Македонија

Во Тетово одземени над 3000 пиротехнички средства, приведен тетовец

Полициски службеници на СВР Тетово денеска (18 декември) околу 15 часот, на градскиот плоштад во Тетово, го лишиле од слобода 54-годишниот тетовец Ф.А. затоа што кај него биле пронајдени и одземени над 3000 парчиња разновидни пиротехнички средства. Тој е задржан во Полициската станица Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе биде изготвен соодветен поднесок по член 396 од Кривичниот законик.

Секторот за внатрешни работи Тетово ги потсетува граѓаните дека набавувањето, продавањето и активирањето пиротехнички средства е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и Кривичниот законик. Секторот за внатрешни работи Тетово ги засили контролните и други активности поврзани со навремено откривање и спречување продажба и употреба на петарди и други пиротехнички средства, а кои наредните денови уште повеќе ќе се интензивираат. Во таа насока, на трговците, родителите и учениците ( основци и средношколци ) повторно им се укажува дека продавањето, односно купувањето и активирањето на петарди на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради и слично, претставува законски прекршок, за кој согласно член 31 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир е предвидена парична глоба од 100 до 250 евра во денарска противвредност.Нивното набавување и дистрибуирање на пазарот во поголеми количини е казниво согласно Кривичниот законик.