28/04/2024
Македонија

Груби: Правото на образование на мајчин јазик е уставно право и неговото кршење е неприфатливо

Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, заедно со шефот на мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килијан Вал, го презентираа истражувањето „Анализа на состојбата на јазичното образование на помалите заедници“.

Груби изјави дека пречките за унапредување на јазиците во Северна Македонија се веќе надминати и мултиетничкото општество во земјата е отворено за соработка и прифаќање на сите заедници, додека шефот на мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килијан Вал, рече дека: „Овие препораки не се само предлози, тие се акциони чекори. Затоа, да ги трансформираме во опипливи дејствија“.

Во продолжение, целиот говор:

„Посебно задоволство ми е што денеска сум меѓу вас, на јавната презентација на резултатите од едно исклучително важно истражување за состојбата на образованието на јазиците на најмалите етнички заедници во нашата земја.

Потребата за имплементација на ваков аналитички пристап произлезе од добрата волја да се идентификуваат вистинските предизвици и перипетии во областа на образованието на јазиците на етничките заедници, па затоа заеднички да работиме кон потребните корекции кои ќе овозможат континуирано подобрување на состојбата фактографски.

Како што не може да се изгради куќа без план, така не може да се состави и имплементира вистинска акциона стратегија во служба на човековите права без квалитативно истражување кое цели кон потребите на припадниците на заедниците. Овие документи како денешниот не треба да се доживуваат само како теоретски наоди, туку како објективен водечки компас за во иднина да донеат уште попозитивни резултати.

Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на Мисијата на ОБСЕ и на Дирекцијата за развојот и унапредувањето на образованието на јазиците на припадниците на заедниците што овозможија реализација и објавување на ова истражување, чии препораки остануваат неоспорна обврска на Владата , Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Министерството за образование и наука, единиците на локалната самоуправа и училишните институции.

На нашите определби за еднакво општество за сите, остануваме заколнати чувари на основното човеково право на образование на мајчин јазик и натамошно унапредување на наставата на јазикот на етничките заедници.

Основите на овие права ги поставивме во духот на Охридскиот рамковен договор, кој ја трансформира поранешната реалност и ирационалниот дискурс што владееше во однос на јазичното богатство кај нас, како во секојдневниот живот, така и во законодавството.

На оваа здрава основа,  денес сме посвесни, со отворен ум и со појасен хоризонт кон меѓусебните идентитетски вредности.

Имаме уште работа за да го заштитиме и унапредиме духот на социјалната кохезија и меѓусебното почитување и другите идентитетски карактеристики. Училиштата се центри кои ја воспитуваат новата генерација во духот на почитување на јазичните и културните разлики, места каде предрасудите и стереотипите мора еднаш засекогаш да се искоренат.

Ова истражување пред се служи за оваа главна цел, за зачувување на општествената виталност од болеста на дискриминација и занемарување преку промоција на мајчиниот јазик како основен елемент на идентитетот на една нација.

Ве уверувам, дека сите препораки произлезени од ова истражување ќе бидат здрава основа за дејствување и напредок на кои ќе се  посветиме во истражувањето што ќе следи!“