26/04/2024
Македонија

Заев: Пописот е многу потребен и нема одложување, одложуваат земји кои имаат податоци во последните 10 години, а ние немаме 20 години и тоа е на штета за државата

„Треба да има попис. Никој не знаеме кога ќе заврши пандемијата. Правиме штета на државата, трошиме пари, а немаме 20 години вистински податоци за развој на економијата“, вели премиерот Заев во интервју за ТВ Сител во врска со прашањето за одржување на Пописот во услови на ковид кризата, додавајќи дека Пописот е алатка којашто секоја земја не случајно ја прави на секои 10 години, токму поради тоа што од таму извираат податоци на основа на коишто се прават најефикасни политики за да може да се развива економијата, за граѓаните, за стандардот.

„Најлесно е нешто да одложите. Прашањето е дали ќе го прифатите предизвикот да го спроведете. Знаете како, одложувавме избори. Барањето на опозицијата беше да одложиме септември – октомври, ноември, какви беа бројките тогаш? Така да учиме од тоа дека никој не знае што би било после една година, после пола година или слично. Кога можеме да ја завршиме работата треба да ја завршиме денеска, да не одлагаме за утре, посебно вака важни работи“, истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека има земји коишто си дозволуваат да донесат одлука за одложување во 2022 година, но тие имаат податоци од 2011 година или од 2012 година.

„Ние имаме последни податоци од 2002 година и апсолутно тоа е недозволиво посебно во време кога се случија големи миграции“, вели премиерот Заев во врска со спроведувањето на најобемната статистичка операција во Северна Македонија, попис на граѓани, домаќинства и станови која во прва фаза веќе започна со попишување на одредена категорија граѓани.