29/04/2024
Македонија

Зајакнување на соработката помеѓу службите за внатрешна контрола во Западен Балкан

Помошник на министерот во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, Игор Арсовски беше домаќин на Регионална конференција помеѓу службите за внатрешна контрола на Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово, која се одржа во периодот 25-26 октомври 2023 година, во Охрид, а во рамки на проектот „Промоција на доброто владеење во земјите од Западен Балкан“, кој се спроведува помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Центарот за интегритет во одбранбениот сектор на Кралството Норвешка (ЦИДС).

Ова е втор ваков состанок кој се организира под покровителство на ЦИДС. Првиот се одржа во Тирана, а сега нашата земја имаше чест да биде домаќин на претставниците од службите за внатрешна контрола на овие четири земји кои дискутираа на тема: “Зајакнување на соработката помеѓу службите за внатрешна контрола во Западен Балкан преку размена на практики”.

„Големо е значењето на одржување на вакви регионални средби бидејќи истите претставуваат одличен форум за меѓусебно запознавање на членовите од нашите служби, запознавање со нашите надлежности и размена на искуства и најдобри практики во нашето работење“, подвлече Арсовски.

Како резултат на регионалната соработка која ја развиваме со земјите од нашето опкружување, во праксата веќе имаме успешна реализација на заеднички акции во расветлување на кривични дела извршени од страна на полициски службеници.

На крајот од состанокот, претставниците од службите за внатрешна контрола од Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово ја изразија својата посветеност и подготвеност за размена на идеи и искуства се со цел сузбивање на коруптивно однесување од страна на полициски службеници.