27/04/2024
Македонија

Ковачевски: Во услови на светска криза, Развојната банка, овие пет години одигра клучна улога за поддршка стопанството

Премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со Развојната банка ја истакна важноста од континуираната поддршка на компаниите, пред сѐ малите и средни претпријатија, преку поволните кредити во изминатите пет години во услови кога светот се соочуваше со кризи незапаметени на светско ниво, на кои не беше имуна ни една економија. На прес-конференцијата присуствуваа и министрите за финансии Фатмир Бесими и за економија, Крешник Бектеши преку кои надлежни институции се реализираат голем број од проектите.

„Развојната банка одигра значајна улога во зачувување на ликвидноста на компаниите, задржување на работните места и развој на економијата и во услови на глобални поместувања. Во период од 2019-2023 година во време на КОВИД кризата, кога стопанството целосно се затвори, преку Развојната банка поддржани беа 4.148 компании и 37.723 работни места со бескаматни кредити во износ од 45 милиони евра. Во услови на енергетска криза, пак, поддржани се 535 компании и 5.210 работни места со кредити во износ од 32 милиони евра. Со Фонд за развој, пак поддржани се 54 компании и 378 работни места со кредити во износ од 9,2 милиони евра. Или конкретно, изминатите 5 година, почнувајќи од КОВИД кризата, потоа енергетската и ценовната криза, Развојната банка со реализација на антикризните мерки и воведените нови производи кои веќе се реализираат тековно, овозможи финансиска поддршка за компаниите во вкупен износ од 378,8 милиони евра со што се поддржани 6.307 компании и 50.529 работни места. Во следниот период се очекува реализација на нови производи и мерки во вкупен износ од 215 милиони евра за поддршка на 855 домашни компании. Ова е дел од она што го правиме како Владата за да ги поддржиме компаниите и во време на кризи, да ја одржат својата ликвидност, но и да ги реализираат инвестициските проекти за да обезбедат раст на своите компании, а со тоа и раст на економијата во целост“, истакна Ковачевски и додаде дека минатата недела, пласирани се 64,5 милиони евра кон домашните компании преку Развојната банка од заемот од Европската инвестициска банка преку ЕИБ 7 кредитната линија за трајни обртни средства и инвестиции за малите и средни претпријатија за инвестиции во зелена транзиција и општествено одговорни инвестиции.

Кире Наумов, главен извршен директор на Развојна банка зборуваше за работењето на Банката и подвлече дека во насока на декарбонизација на глобално ниво, а во функција на обезбедување на поволни зелени кредити, Банката ги интензивираше своите активности и преговори со нови меѓународни кредитори.

„Голема чест и задоволство ми претставува, пред вас да зборувам за успесите на Банката која оваа година одбележува јубилеј-25 години постоење, кои значат 25 години континуирана поддршка на домашните компании. Средствата од ЕИБ 7 кредитната линија во износ од 64,5 милиони евра веќе се пласирани кон деловните банки, а новитет е потпишувањето на договорот со Француската развојна агенција за нови 50 милиони евра кои ќе бидат достапни до компаниите преку деловните банки за зелени и социјални инвестиции. Во завршна фаза е и обезбедување на средства од Банката за развој на Советот на Европа во износ од 50 милиони евра кои дополнително ќе им се стават на располагање на микро, малите и средните претпријатија во државата. За работењето на Банката говорат и финансиските резултати и тоа, активата на Банката во последните 4 години кумулативно е зголемена за 56,2% или во просек по 18,7% годишно. Нето-кредитите во последните 4 години кумулативно се зголемени за 55,0% или во просек по 18,3% годишно. Капиталот на Банката во последните 4 години кумулативно е зголемен за 35,2% или во просек по 11,7% годишно. Заклучно со 30.06.2023 година 7,4% од вкупните кредити на банкарскиот сектор пласирани кон нефинансиските друштва се со средства од РБСМ. Во фокусот на Развојна банка и во иднина ќе биде: засилена поддршка на економски развојот на државата преку поволни кредити; зголемена поддршка на извозот, поддршка на зеленото финансирање како и поддршка на процеси кои се поврзани со дигитализација и иновативни решенија кај компаниите“, истакна директорот Наумов.
 


Обраќање на премиерот Ковачевски на прес-конференција со Развојна банка
26.12.2023 година, 11:30 часот во Медија центар, Влада

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со директорот на Развојна банка, Кире Наумов, се обратија на прес-конференција за поддршката на компаниите преку Развојната банка за економскиот раст на државата.

На прес-конференцијата присуствуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на премиерот Ковачевски:  

„Денешната прес-конференција во свој фокус ја има економијата, тема која оваа Влада уште од првиот ден ја има зацртано како приоритет број еден: Зајакнување на економијата, отворање нови работни места за подобар животен стандард, развиено стопанство.

Затоа сме денес сите тука да ги презентираме можностите за компаниите, но и достигнувањата на Развојната банка за домашната економија, во година кога се одбележуваат 25 години постоење на оваа банка.

Во период, во кој континуирано се соочуваме со кризи, исправени сме пред неколку предизвици – да се обезбеди фискален баланс, да се спроведе фискална консолидација, а од друга страна да се обезбеди економски раст. За таа цел работиме согласно План, за да го поддржиме растот во време на криза, но и да добиеме различни форми на финансиски инструменти, за да постигнеме просперитет и развој.

Во оваа прилика сакам да нагласам дека Развојната банка во изминатите пет години во услови кога светот се соочуваше со кризи незапаметени на глобални размери, одигра значајна улога во зачувување на ликвидноста на компаниите, задржување на работните места и развој на економијата и во услови на глобално поместување.

Директорот Наумов ќе каже повеќе детали за работењето на Развојната банка, но она што би сакал да споменам е дека во период од 2019-2023 година во време на КОВИД кризата, кога стопанството целосно се затвори, преку Развојната банка поддржани беа 4.148 компании и 37.723 работни места со бескаматни кредити во износ од 45 милиони евра.

Во услови на енергетска криза, пак, поддржани се 535 компании и 5.210 работни места со кредити во износ од 32 милиони евра. Со Фонд за развој, пак поддржани се 54 компании и 378 работни места со кредити во износ од 9,2 милиони евра.

Или конкретно, изминатите 5 години, почнувајќи од КОВИД кризата, потоа енергетската и ценовната криза, Развојната банка со реализација на антикризните мерки и воведените нови производи кои веќе се реализираат тековно, овозможи финансиска поддршка за компаниите во вкупен износ од 378,8 милиони евра со што се поддржани 6.307 компании и 50.529 работни места.

Во следниот период се очекува реализација на нови производи и мерки во вкупен износ од 215 милиони евра за поддршка на 855 домашни компании.

Со цел зајакнување на потенцијалот за понатамошна поддршка на реалниот сектор во државата и можност на домашните компании за полесен пристап до поволни кредити, Владата на крајот на 2022 донесе одлука за докапитализација на Развојната банка во износ од 10 милиони евра. Средствата од докапитализацијата овозможија континуитет на кредитните линии за инвестиции за енергетска ефикасност и инвестиции во обновливи извори на енергија, како една од мерките на државата за справување со ефектите од енергетската и ценовната криза.

Упатувам благодарност и им честитам за работата на кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, на министерствата за финансии и економија преку кои се реализираа овие мерки и секако на Развојната банка кои практично ги спроведуваа инструментите.

Честитам и за соработката која Банката ги има воспоставено со Европската инвестициска банка (EIB) преку седум аранжмани во вкупен износ од 650 милиони евра, за поддршка на зелени и социјални инвестиции на компаниите од Француската развојна агенција (AFD) во износ од 50 милиони евра, а во завршна фаза се преговорите за аранжман со Банката за развој на Советот на Европа (CEB) на износ од 50 милиони евра.

Ова само покажува колку Банката е активна и како има воспоставена успешна соработка со реномирани меѓународни финансиски институции и реномирани меѓународни финансиски агенции.

Не случајно го напоменувам ова, бидејќи сакам да ја нагласам важноста од заедничката работа и соработка меѓу сите чинители, министерства, институции, меѓународните финансиски институции, бидејќи крајниот бенефит го има домашното стопанството и граѓаните. Ние работиме за заедничка цел и интерес, а тоа е градење на економија отпорна на кризи и ризици, а со цел нејзин развој и раст.

Дополнително, Министерството за финансии воведе инструменти како граѓанската обврзница, зелената обврзница, структурната обврзница. Ова, се нови инструменти на пазарот на капитал, кои ги издаде Владата, оваа година. Целта на воведување на овие инструменти е развивање на пазарот на капитал во земјата, како и забрзување на инвестициската активност што ќе придонесе за забрзување на економскиот раст. Со овие инструменти предвидени со Планот за забрзан економски раст, целта е покрај јавниот да се мобилизира и приватниот капитал, и тој да се стави во функција на економскиот раст. Тие се дел од предвидените нови механизми, фондови и извори на финансирање, а нивната цел е да создадат мултипликативен ефект и да мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор.

Такви инструменти се и воспоставениот Гарантен фонд во Развојната банка, кој поддржува домашни компании и служи да го подобри и олесни пристапот до финансии преку деловните банки, со издавање на гаранција од Развојната банка.

Гарантниот фонд располага со 15 милиони евра, а се гарантираат кредити на компании до 150 милиони евра.

Би сакал тука да искористам да напоменам дека со цел поголема реализација на гарантната шема, Министерството за финансии заедно со Развојната банка подготвуваат олеснување на условите за користење на гаранциите, кои наскоро ќе бидат објавени од страна на банката и министерството.

Царинските гаранции за поддршка на извозни компании се во износ од 3 милиони евра.

Воспоставен е и Фондот за енергетска ефикасност во Развојната банка од 15 милиони евра, од кои 5 милиони евра се од Светска Банка и 10 милиони евра од издадената зелената обврзница, средства наменети за малите и средни претпријатија на кои ќе им се нудат поволни кредити за реализација на проекти насочени кон инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност и заштита на животната средина.

Сето ова претставува сериозна инјекција за приватниот сектор за време на овој период од повеќе кризи, но, исто така, претставува поддршка на процесот на зелена транзиција и конкурентноста на нашите компании на идниот заеднички европски пазар. Со реализација на кредитните линии од меѓународните кредитори, ќе се поддржат околу 630 компании и 2.500 работни места.

Ова е дел од она што го правиме како Влада за да ги поддржиме компаниите и во време на кризи, да ја одржат својата ликвидност, но и да ги реализираат инвестициските проекти за да обезбедат раст на своите компании, а со тоа и раст на економијата во целост.

Минатата недела, пласирани се 64,5 милиони евра кон домашните компании преку Развојната банка од заемот од Европската инвестициска банка преку ЕИБ 7 кредитната линија за трајни обртни средства и инвестиции за малите и средни претпријатија за инвестиции во зелена транзиција и општествено одговорни инвестиции.

Со овие средства, се обезбедува поддршка на 201 проекти (94 за долгорочни инвестиции и 107 за обртни средства) и се овозможува креирање на 206 нови работни места.

Со овој заем кој Развојната банка го склучи со ЕИБ на 24.07.2023 година, се обезбедија 100 милиони евра по поволни услови, како директна поддршка на малите и средни компании и средно пазарно капитализирани компании и верувам дека истите ќе бидат искористени во рок.

За домашните компании, особено за малите и средни претпријатија кои се и најбројни во земјава и со најголем број од вработените од голема важност е пристапот до свежи финансиски средства.

Оваа Влада работи за граѓаните и за економски напредок. За околу три и пол години, се донесени пакети антикризни мерки во вредност од над 2 милијарди евра. Ланскиот пакет антикризни мерки во висина од 760 милиони евра, беше оценет од Светска банка како најголем во регионот. Со сите мерки досега спасени се повеќе десетици илјади работни места.

Најновиот деветти пакет антикризни мерки е во вредност од 662 милиони евра, од кои 492 милиони евра се за поддршка на ликвидноста на компаниите, конкурентноста и инвестициите во обновливи извори, преку поволни кредити. Една од мерките се однесува на обезбедување финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите на нови и постојни вработени, за зголемување на платите на работниците од 3.000 – 9.000 денари. Со мерката се опфатени над 70.000 компании.

Македонските домашни компании имаат сигурен партнер во Владата. Иницијативите што се преземаат на национално ниво со кои се обезбедуваат финансиски средства за поддршка на економијата, заедно со иницијативите што во оваа насока се воспоставени од нашиот партнер ЕУ, даваат поголеми можности за компаниите, преку ваков сеопфатен процес да станат поконкурентни на европскиот пазар и да се соочат со предизвиците на тој пазар.

Сакам да се заблагодарам за исклучително успешната соработка во изминатите 4 години со директорот на Развојната банка, со министерот за финансии и со министерот за економија и навистина Развојна банка покажа дека може да го прави тоа што го предвидовме како Влада во минатото, таа 25 години постои, меѓутоа ваква клучна улога никогаш немала досега како во оваа здравствена, енергетска и ценовна криза.

Се потврди дека во Банката работат високо – стручни кадри кои работат ефикасно, професионално и кои што навистина помогнаа со својата работа и посветеност на стопанството и на државата воопшто.

Ви благодарам на вниманието“.