29/04/2024
МакедонијаСтруга

Ковачевски на Преспа форумот за дијалог: Предизвиците ги претвораме во можности со функционален пример за дијалог, применлив и за регионот и Европа

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на официјалното отворање на Преспа форумот за дијалог, што се одржува денеска и утре во Струга.

Премиерот Ковачевски ја отвори сесијата:  „Договорот од Преспа за пет години: предизвиците претворени во можности“, на којашто присуствуваат претставници на високо политичко ниво од регионот и од Европската Унија, САД и НАТО.

Во продолжение е интегрален текст од обраќањето на премиерот Ковачевски:

„Како што би кажал во Брисел, ќе зборувам на македонски јазик,

Почитувани дами и господа,

Почитувани претставници на медиумите,

Почитувани присутни,

Благодарам за бројното присуство на овогодинешниот Преспа форум за дијалог и учеството на претставници од високо политичко ниво од регионот и од нашите меѓународни партнери секако од Европската Унија, САД и НАТО и од државите со кои навистина имаме партнерски односи.

Сакам на почеток, да ви пренесам поздрави од поранешниот премиер г.Зоран Заев, кој не можеше да биде присутен тука, бидејќи без него и Ципрас денес ќе беше обичен ден и немаше да има ниту Преспа, ниту форум, ниту дијалог, туку се уште ќе имаше преговори кои ќе траеја без некаква ориентација кога ќе завршат. Тоа е така затоа што тие двајца имаа храброст да донесат одлука, имаа визија и покажаа лидерство каква што политиканти никогаш нема да донесат бидејќи тие не гледаа на својот рејтинг за наредните избори, туку гледаа за иднината на граѓаните и на Северна Македонија и на Грција да живеат како соседни држави со добрососедски односи и двете земји да се членки на НАТО и во иднина членки на ЕУ. Би замолил за еден аплауз и за Заев и за Ципрас.

Овој форум е веќе трета година како го организираме и е значаен бидејќи го афирмира дијалогот како средство за доаѓање до одржливи решенија.

И ова е големо, реално и значајно признание за огромниот придонес на Република Северна Македонија во регионалниот и европскиот мир, стабилност, безбедност и перспективи, што ќе ги паметат и дипломатијата и поновата европска историја.

Целта оваа година беше да го покажеме уште еднаш значењето на нашата држава која е држава на мирољубиви граѓани која  отсекогаш била пример за соживот и која што тоа го направила  уште пред формирањето на ЕУ како една од најголемите и најзначајните организации и унии во светот. Ние исто така секогаш сме биле на вистинската страна на историјата, докажувајќи дека само со храбро, искрено и одговорно лидерство предизвиците се претвораат во можности.  

Со Договорот од Преспа и сите следни чекори до денес, ја обновивме вербата во дипломатијата, промовирајќи го отворениот дијалог како придобивка.

Со тоа, покажавме применлив и функционален пример за решавање кризи, што има посебно значење во денешниот геополитички контекст на случувања, за решавање слични предизвици пред коишто се исправени и регионот и Европа денес.

Но, кој и да посака, кога било, да брани свои агресивни постапки или политики, ќе биде  соочен со фактот дека одржливи решенија се постигнуваат на маса каде што се води дијалог, меѓу лидери кои имаат политичка волја да се разберат, во името на доброто на својот народ и својата држава.

Пред 5 години премиерите на Северна Македонија и Грција успеаја да се разберат, низ дијалог затоа што имаше таква поличка волја од двете страни.

Јас и премиерот на Бугарија –  Петков, ланскиот јули, успеавме да се разбереме, бидејќи водевме дијалог и затоа што имавме политичка војла од двете страни.

Со вакво одговорно практикување на доверената доверба од граѓаните, за само 5 години:

Република Северна Македонија ја направиме рамноправна членка на НАТО.

По долги 17 години, минатата година успеавме да ги започнеме преговорите со Европската Унија, со целосна заштита на идентитетските одредници на македонскиот народ.

Пример сме во регионот и во Европа за успешна, функционална, мултиетничка држава, во којашто граѓаните имаат еднакви права и одговорности пред законите.

Пример сме за држава којашто преку функционални политики на дијалог ги унапредува добрососедските односи.

Земјите членки на ЕУ, НАТО и САД во Република Северна Македонија денес гледаат фактор на стабилноста и безбедноста во Европа. Од земја која пред 30 години беше корисник на мировни мисии, денес ние сме земја во која што се водат разговори меѓу други држави заради долгорочно решавање на нивните спорови.

И поради сето ова, денес реалистично гледаме кон 2030 година како на достижна цел за полноправно членство во Европската Унија.

Република Северна Македонија покажа дека ниту еден искрен напор, не е залуден. Кога велам дека постои доказ, тогаш најдобар доказ е Договорот од Преспа, којшто пред 5 годни беше решение на билатерален спор, а денес е модел за перспективи за иднината.

И ова се докажува низ аргументи.

По Договорот од Преспа и членството во НАТО, а потоа и отпочнувањето на преговорите со ЕУ, Република Северна Македонија бележи историски рекордна вредност на странски директни инвестиции во износ од над 750 милиони евра и тоа во најкризната година. Ова придонесе до историско намалување на невработеноста, до најголеми покачувања на платите и пензиите досега, до нови и добро платени работни места. Ние сме држава која во кризна година успеа да ја намали невработеноста за 8% и да ја зголеми вработеноста за 9,5%.

Или, ако погледнеме на билатерален план, Северна Македонија доби во Грција еден од најгласните поддржувачи на европските перспективи. Долгогодишниот мраз кој се чинеше нестоплив е скршен – дури напротив, македонско – грчките односи одат во нагорна линија и довербата меѓу државите е најголема досега.

Конкретен доказ е нашата соработка во областа на енергетиката. Процедурите се во тек и до крајот на годината започнува изградба на нов гасовод меѓу Северна Македонија и Грција, што ќе биде поврзан со новиот терминал во Алесандруполи, Грција. Овој гасовод и овој терминал нема да бидат само за Грција и Северна Македонија, тие ќе бидат и за Косово, ќе бидат и за Србија, ќе бидат за земјите на север, ќе бидат и за Црна Гора и за Албанија и за сите кои сакаат да се приклучат.

Сакам да порачам дека успехот не е во тоа да се стави крај на предизвиците – во регионот, во Европа, во светот.

Нереално е да се очекува да се стави крај на предизвици, бидејќи предизвици секогаш постоеле, постојат и ќе постојат, затоа што на нив е поставен развојот.

Успехот е во тоа да умееме сите заедно предизвиците да ги претвориме во можности и да продолжиме по патот на напредокот.

Република Северна Македонија, во таа насока е пред нов предизвик, кога треба сите во државата да покажеме одговорност за европската иднина на државата и по членството на НАТО, да станеме членка на ЕУ. И јас сум убеден и работам на тоа да се израдуваме со успех.

Го имаме најдобриот договор со ЕУ кој може да го добиеме, којшто ги штити нашите македонски идентитетски обележја, нашиот јазик, нашата култура, нашиот идентитет, со којшто никој не смее да се коцка.

Ја имаме огромната и сестрана поддршка од нашиот стратешки партнер САД и од нашите европски партнери.

И се надевам дека дијалогот, којшто стана нашиот заштитен знак, ќе ни донесе ново, политичко обединување дома, за да ги донесеме потребните одлуки во нашето Собрание, коишто имаат одредувачка насока за нашето полноправно членство во ЕУ.

Исто така, се надевам дека нашиот вреден пример ќе инспирира и други држави од регионот со отворени билатерални прашања, да дојдат до применливи решенија.

Европската Унија отсекогаш му била потребна на Западен Балкан.

Но денес и Западен Балкан ѝ е потребен на ЕУ, посебно ако се земат превид предвид новите геополитички и безбедносни случувања. И ова е момент што нашата држава не смее да го пропушти и секој кој е одговорен не смее да дозволи оваа шанса да се пропушти.

Република Северна Македонија веднаш и ефикасно се постави стопроцентно на линија на надворешната политика на ЕУ во однос на војната во Украина и тоа потсети што значи да сме обединети во демократските вредности.

Другата опција е нестабилност, ризици и конфликти коишто во денешното време на хибридни закани, дезинформации и лажни вести се заканува на европскиот и на светскиот мир и тоа мора да е јасно за сите и кај нас дома и  во регионот и во Европа.  

Имаме обврска да покажеме одговорност кон сопствената улога во зачувувањето на мирот во Европа. И да ја зграбиме својата заслужена шанса.

Затоа што географски, културолошки, историски припаѓаме на Европа.

Затоа што нашите граѓани заслужуваат европски квалитет на живот.

Затоа што нашите млади заслужуваат да им се оствари сонот да живеат во Европа, а тоа да биде нивната родна земја.

Затоа што е можно да ги здружиме силите во нашиот регион и со поддршката што ја имаме од нашите европски пријатели, да ја направиме 2030 година реална цел за проширено европско семејство и интеграција во Европската Унија и на Северна Македонија и на Албанија и на Црна Гора. Целта е сите заедно рамо до рамо, братски да станеме членки на ЕУ. Затоа што човек сам може да стигне некаде брзо, ама со искрени партнери и пријатели може да стигне далеку. Затоа ми е драго што денес со нас се и претседателот и премиерот на Црна Гора, претседателот на Албанија, Министерот за надворешни работи на Хрватска и многу други гости.

Благодарам за вниманието. Ова веројатно ќе биде најдолгиот панел која го видела некоја конференција и веројатно ќе трае два дена со оглед на габаритот на говорниците кои се наоѓаат на бина и сакам сите да ги поздравам“.