28/04/2024
Охрид

Започна 22. издание на Фестивалот „Охридски бисери“

Во голема сала на Општина Охрид, синоќа, со пригодна музичка програма започна 22. издание на Интернационалниот музички фестивал „Охридски бисери“. Покровител на музичкиот фестивал е Општина Охрид.

Во име на општината фестивалот за отворен го прогласи заменик градоначалникот Перчо Божиноски.

 – Огромна е честа да се биде дел од свеченото отворање на еден од најпрестижните Интернационални натпревари на млади музичари во сфера на класичната музика „Охридски бисери“. За овој натпревар најдобро говори фактот има 22 години непрекината традиција, традиција достојна за висока почит и признание. Несомнено, Охрид како град со најголем број културни случувања е најсоодветниот за одржување на овој величествен настан. Па затоа поддршката на Локалната самоуправа не изостана и не смее да изостане и во иднина, бидејќи токму овој настан како бисер го надополнува бисеровиот гердан на градот. Нам, охриѓаните особено горди не прави тоа што градот продолжува да биде културен центар, а потврда за тоа е и денешното учество на младите уметници од целиот свет. Велат музиката нема геогравски граници, нема јазични бариери и нема расни поделби. Тука јас би додал дека музиката ги надминува и јазичните бариери. Таа е универзална, а интерпретаторите припаѓаат на целиот Свет.Деновиве, нека одекнуваат звуците на квалитетната музика и изведба и нека будат во нас чувство на среќа, рече во своето обраќање Божиноски.

Финалната вечер на Интернационалниот музички фестивал „Охридски бисери“ е во сабота, кога ќе бидат прогласени најдобрите изведувачи.


WebOhrid / 16.06.2023 / Општина Охрид