28/04/2024
Македонија

Костадиновска-Стојчевска: Платите во културата пораснаа за 43% за две години благодарение на Општиот и Колективниот договор во културата

Сите вработени во културата, почнувајќи со исплатата за септември добиваат за 10% повисоки плати како резултат на Општиот колективен договор за вработени во јавниот сектор постигнат оваа година.

Платите во културата, од почетокот на бранот покачувања во 2021 година, заедно со најновото покачување од септември 2023, се поголеми за 43%.

Ваква динамика на покачувања на платите досега не е забележана во јавниот сектор во земјава, а до оваа драстична промена во полза на културните работници дојде со потпишувањето на Колективниот договор кој во претходните 15 години беше постојано најавуван, за конечно да се реализира во 2019 година.

Договорот придонесе за правичност во групирањето на работните места, за праведна валоризација на трудот на вработените, за остварување на правата на додатоци на плата, за спречување на злоупотребата на вработените во културата, за спречување селективност и фаворизација во утврдување на правата по работен однос и за регулирање на други релевантни прашања од работниот однос.

Благодарение на Колективниот договор, од 2020 година платите во културата беа зголемувани во неколку наврати и тоа за 1,65% во 2021, за 19,55% во 2022, за 12,55% во 2023 во март.

Платите во културата оваа година се зголемуваат по втор пат за уште 10% резултат на потпишувањето на Општиот колективен договор за платите во јавниот сектор, којшто гарантира континуиран раст на платите со решение кое нема да зависи од волјата и желбата на која било политичка партија и сега и во иднина.

Нагласуваме дека спроведувањето на Заклучокот на Владата за покачување на основната плата во јавниот сектор за 10 проценти што важи за целата држава се остварува согласно Општиот колективен договор. Имено, начинот на утврдување на основната бруто-плата е дефиниран во Колективниот договор за култура, а со поединечните решенија за плата само се констатира износот, се разбира зголемен за 10 % во согласност со член 14 од Општиот колективен договор.

За да биде попрегледно како растеа платите во културата од 2021 до септември 2023 година, најдобро се гледа од споредбата на податоците за неколку работни места и звања во дел од културните установи.