28/04/2024
Македонија

Маричиќ: Ние сме Европа и заедно со граѓаните ќе успееме на патот кон ЕУ

Денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на прес-конференција ја најави кампањата „Ние сме Европа“, со која како што рече тој Владата започнува процес на комуникација со граѓаните на повеќе нивоа, за да се испрати порака дека ние сме Европа и дека граѓаните сакаат Северна Македонија да е во ЕУ.

– Во рамки на кампањата граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со придобивките од брзото членство во ЕУ, неопходните реформи кои треба да ги направиме за да ги постигнеме европските стандарди во наредните неколку години и како членството во Европската Унија ќе го заштити и зајакне македонскиот идентитет, јазик, посебност и развој и мултиетничкиот карактер на државата, изјави вицепремиерот Маричиќ.

Кампањата која ја организира Секретаријатот за европски прашања, во соработка со Владата опфаќа настани во осум општини низ државата, на разлика тематика, како економија, труд и социјална политика, култура, туризам, земјоделие, млади, инфраструктура и енергетика, со цел да се доближи процесот со граѓаните, можностите кои им се отвораат, не само преку финансиска поддршка од ЕУ, туку и преку реформирањето на секој сегмент на македонското општество.

– Кампањата „Ние сме Европа“ е одлична прилика да добијат одговор на сите нивни прашања кои ги имаат во врска со евроинтегративниот процес, за сите дезинформации кои кружат во јавноста, а кои создаваат кај граѓаните грижа и дилеми, но и за начините како секој граѓанин може да се вклучи од свој аспект со свој придонес за оваа државничка задача, истакна Маричиќ.

Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ укажа дека големо внимание во оваа кампања ќе добијат младите, за кои рече дека се посебен ресурс за сегашноста и иднината на нашата држава и порача дека „сите сме должни да вложиме поголем напор, за младите и идните генерации да ја живеат европска иднина, тука дома“.

Кампањата „Ние сме Европа“ ќе се реализира во осум градови низ државата и тоа: Скопје, Струмица, Битола, Охрид, Прилеп, Тетово, Штип и Куманово. Во секој од овие градови се организираат тематска трибина, на која ќе претходат серија активности со локалното население и таргет групи, низ кои, како што најави Маричиќ, ќе се даде осврт на преговорите за членството во ЕУ и придобивките, процесот до каде е и кои се досегашните резултати, но и што е тоа што не очекува понатаму во процесот.

Почетокот на кампањата и првиот настан е планиран да се одржи на 30 август, во Скопје, на тема економија и истиот ќе го отвори премиерот Ковачевски, информираат од Секретаријатот за европски прашања.